Почина новинарката и уредничка во МРТ Лилјана Алтипармакова

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сочувство по повод смртта на колешката Лилјана Алтипармакова, долгогодишна новинарка и уредничка во Македонска радио-телевизија.
Целиот свој работен век, колешката Алтипармакова го посвети на својата матична куќа – Македонската радио-телевизија. Како новинар во МТВ 1, таа посветено покриваше теми од внатрешната политика и економијата.
Во својата кариера, Алтипармакова остави силен професионален белег, препознатлива по својата посветеност, одговорност и високите новинарски стандарди. Нејзиниот придонес во јавниот сервис и во информирањето на граѓаните ќе остане трајна вредност.
ЗНМ изразува искрено сочувство до нејзиното семејство, колегите и пријателите.
