Повик за поддршка за изработка на стручни авторски текстови на тема: „Напади врз новинари и медиумски работници – неказнивноста и влијанието на SLAPP врз слободата на медиумите“

Во рамките на проектот „Стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) за новинарите се шамар за граѓаните и јавниот интерес “ (SLAPP FOR JOURNALISTS IS A SLAP FOR THE CITIZENS AND THE PUBLIC INTEREST), финансиран од програмата на УНЕСКО – “Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), отворен е повик за поддршка на автори за изработка на четири стручни авторски текстови кои покриваат теми поврзани со закани и напади врз новинари и/или случаи на неказнивост во Северна Македонија, со фокус на новинарките, како и влијанието на стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) врз новинарите и нивната работа, со цел привлекување на вниманието на јавноста и релевантните национални власти на случаи кога новинарите се нападнати, загрозени, произволно обвинети или полошо, а нивната истражувачката работа е под ризик да биде прекината или цензурирана.
Цел на повикот „Напади врз новинари и медиумски работници – неказнивноста и влијанието SLAPP врз слободата на медиумите“
Новинарите и медиумските работници се под постојан притисок поради извршувањето на нивната работа и постојано се соочуваат со разни напади, навреди, онлајн малтретирање, закани. Оценките на релевантни фактори во фелата се дека овие напади продолжуваат поради постоењето на неказнивост, односно речиси непостоечко казнување на напаѓачите. Сепак, ретко кога новинарите во детали известуваат или анализираат за причините за овие напади, последиците од нив или пак, за начините за справување со овие напади.
Овој конкурс е со цел да се зголеми видливоста и да се истакнат предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, вклучително за посеопфатно покривање на заканите, навредите, нападите врз новинарите, (не)реакциите на соодветните институции, причините за постоечката неказнивост, судската пракса, а од посебно значење е и опфаќање на теми кои вклучуваат родова (не)еднаквост, односно нападите врз новинарките, како и случаите на SLAPP против медиумски работници.
Кој може да аплицира на конкурсот?
На конкурсот може да аплицираат сите новинари од државата без оглед на тоа дали во моментот имаат или не ангажман во медиум. Освен новинари, на конкурсот може да аплицираат и лица кои имаат познавања и искуство од правната регулатива како и судска пракса во контекст на безбедност на новинари.
Услови
Сите текстови треба да бидат изработени според највисоките професионални и етички стандарди и почитување на кодексот на новинарите. Финалниот текст треба да биде помеѓу 1.500 и 2.000 зборови. Во рамки на текстот потребно е да се користат исклучиво авторски фотографии
Начин и рок на аплицирање
Заинтересираните треба да го пополнат формуларот (симнете тука) во кој ќе ја образложат својата идеја и да го испратат на contact@znm.org.mk и vkostovska@znm.org.mk Рокот за аплицирање е 30 септември 2023, до 24 часот ЦЕВ.
Избор
Изборот на лицата кои ќе бидат поддржани ќе го направи тричлена комисија составена од претставници на ЗНМ. Насоките на истражувањето и спецификите на темата која ќе се обработува ќе биде утврдена во координација со ЗНМ.
Фонд
Фондот за надомест по авторски труд изнесува 25.000 денари бруто.