Повик за обука

Повик за обука на новинари кои имаат неколку годишно искуство, млади новинари и студенти во рамките на проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“
Позадина
Во 2018 година, Република Северна Македонија ја усвои третата Национална стратегија за борба против тероризмот (2018-2022) со што се придружи на растечката владина и невладина заедница за градење на отпорност против насилниот екстремизам (НЕ) и тероризам. Во Националната стратегија, медиумите беа претставени како важен актер при спротивставувањето на насилниот екстремизам и тероризам. Според Стратегијата, всушност „Владата на РСМ има општествена и колективна одговорност да се справи со насилниот екстремизам и заканата од тероризам преку верски, локален, медиумски и едукативен пристап нагласувајќи ги силните страни и предностите во поглед на зачувувањето на кохезијата на општеството“.
Иако им се уважува значајната улога, сепак медиумите и новинарите немаат добиено едукација за начините на известување и борбата со насилниот екстремизам и тероризам (БНЕ). Доказ за оваа изјава претставува непостоењето на заеднички протокол во земјата за известување за насилниот екстремизам и тероризам од страна на медиумите и владините претставници, како и невклучувањето или споменувањето на НЕ во Етичкиот кодекс на новинарите. И покрај преземените мерки на национално ниво, главно од владините институции, тероризмот и насилните екстремистички закани и понатаму се развиваат во земјата и се прилагодуваат на современиот начин на живот.
Важно е да се напомене дека иако не е посветено значително внимание на едукација на медиумите и новинарите, последните години се забележуваат значителни акциски планови на национално и меѓународно ниво кои ја посочија важноста на нивната улога. Горенаведената Национална стратегија, а на ниво на ЕУ и документот за „Регрутирање на терористи: адресирање на факторите кои придонесуваат кон насилната радикализација“, се сеопфатни документи бидејќи им даваат приоритет на медиумите како почетна точка за одржливиот и заедничкиот напор против насилниот екстремизам и тероризам.
Информации за обуката
Здружението на новинари на Македонија во партнерство со Иницијатива за европска перспектива ИЕП и Институтот КОНИЦА го започнаа проектот насловен како „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“. Проектот е финансиран од Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism), Абу Даби во рамките на глобалната програма STRIVE програмирана од ЕУ.
Цел на обуката
Главната цел на обуката е да се постигне општо разбирање на новинарите за начинот како да се известува за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.
Програмата е дизајнирана да им помогне на новинарите и другите медиумски професионалци да ја завршат својата работа со информирање на јавноста за овие специфични настани. Ова значи дека обуката не само што ќе им овозможи на учесниците стекнување на ново знаење, туку исто така ќе ги мотивира да го користат истото во пракса, а со тоа ќе придонесат кон ублажување на негативните ефекти при известувањето за насилен екстремизам и тероризам.
Можности и перспективи
Еден од резултатите од обуката е создавање на тематски статии од самите учесниците како практична примена на нивното стекнато знаење од обуката.
По завршувањето на секоја од работилниците учесниците, групирани во тимови од 4-5 лица со различно ниво на искуство ќе добијат барање да напишат тематски статии (максимум по 3 страници од приказна) за насилниот екстремизам и тероризмот. Додека ги подготвуваат тематските статии, тимовите ќе добијат уредничка помош од постари колеги.
Намерата е да се добијат 12 тематски статии кои што ќе се преведат (на албански или македонски јазик) и ќе се промовираат преку on-line платформите на партнерите во проектот (веб-страници, канали на социјални медиуми, итн.).
За создавање на една тематска статија е предвиден надоместок 24.500 МКД по статија.
Генерални информации
Две работилници се организираат во текот на месец ноември а третата на 09-10-11ти декември 2020 година по четири часа дневно теоретска и практична работа преку апликацијата ZOOM.
Обуката ќе ја одржат двајца реномирани професори.
- Проф.д-р. Никола Дујовски од РСМ, кој има големо искуство и знаење на оваа тема и повеќе ќе се фокусира на ситуацијата во Македонија за насилниот екстремизам и тероризам, како и за известувањето на новинарите како реакција на овие настани.
- Проф.д-р. Дејан Миленковиќ од Србија, кој ќе зборува за состојбата со насилниот екстремизам и тероризам во Западен Балкан, Европа и во светот, анализирајќи ги најпознатите терористички напади и известувањето за нив.
Работен јазик на обуката
Обуката ќе се одржи на македонски и српски јазик. Ќе се обезбеди симултан превод на македонски и албански јазик.
Целна група
Овие тридневни работилници за обука се наменети за новинари кои имаат неколку годишно искуство, млади новинари и студенти по новинарство или други сродни области како што се општествените и политичките науки и за оние кои сакаат да се стекнат со нови и / или ги продлабочуваат своите знаења и вештини при известување за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.
Како да аплицирате?
Заинтересираните кандидати треба да ги испратат следниве документи:
- Мотивациско писмо со објаснување за мотивацијата за учество во оваа обука и биографија
најдоцна до 01 декември 2020 година, во 24:00 часот , на следнава е-адреса:
contact@znm.org.mk, со наслов: Пријава на повикот за обука
Избраните кандидати ќе се контактираат и ќе им се обезбедат дополнителни информации за датумот и времето за секоја од работилниците.