Одлука на Советот на честа на ЗНМ по претставките против новинарот Невриј Адеми

Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) информира дека на последната седница одржана на 14.11 постапуваше по вкупно три претставки кои се однесуваат на известувањето и јавните настапи на новинарот Невриј Адеми. Во сите три предмети Советот донесе одлука дека е сторено неетичко постапување и дека е прекршен Кодексот на новинарите на Македонија.
Претставките се поднесени од:
- Рита Бехадини, новинарка и членка на ЗНМ – претставка за гостувањето на Невриј Адеми во програма на телевизијата „Клан Косова“;
- Арбнора Мемети, фоторепортерка – две одделни претставки:
- една за јавниот настап на Адеми во емисија на телевизијата „Клан Косова“;
- една за содржина објавена на порталот „ТетоваСот“.
Една од претставките, се однесува на содржина објавена на порталот „ТетоваСот“, а две претставки се поднесени за гостувањето на Невриј Адеми во програма на телевизијата „Клан Косова“, поврзано со случајот на трагично загинатата студентка од Косово во Тетово. Во овие јавни настапи и објави, покрај непотврдени наводи за наводна употреба на дрога, се дадени и оценувачки и сексистички коментари што Советот ги оцени како говор кој води кон префрлање вина врз жртвата и дополнителна стигматизација.
Покрај формалните претставки, за случајот јавно реагираа и повеќе организации и мрежи кои работат во областа на човековите права и родовата еднаквост – меѓу кои Платформата за родова еднаквост, Женската медиумска мрежа „Еднаква“, ReActоr – истражување во акција, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, како и Мрежата на жените новинарки на Косово (Kosovo Women Journalists Network). Нивните реакции го осудија непрофесионалното, пристрасно и сексистичко известување, откривањето на лични податоци за жртвата и нападите кон новинарките и активистките кои јавно проговорија за случајот, што придонесе случајот да прерасне во поширока јавна дебата за новинарските стандарди при известување за родово засновано насилство и фемицид.
Советот на честа утврди дека се прекршени следниве членови од Кодексот на новинарите на Македонија:
- член 1 – обврска новинарот да објавува точни, проверени и плурални информации и да не прикрива суштински податоци од јавен интерес;
- член 7 – обврска за почитување на приватноста, личната болка и жалост на жртвите и нивните семејства;
- член 8 – забрана за сензационализам при известување за несреќи, трагедии, смртни случаи и други чувствителни настани;
- член 10 – Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
- член 13 – обврска јасно да се разликуваат фактите од мислењата, односно веста од коментарот.
За овие претставки Советот, согласно праксата, дополнително ќе изработи и детални одлуки со посебни образложенија.
Новинарот Невриј Адеми до ЗНМ достави писмена изјава и јавно извинување во врска со гостувањето на „Клан Косова“, во кое наведува дека дел од користените изрази биле „несреќен лапсус“ и не ја одразуваат неговата лична и професионална позиција. Советот на честа го има предвид извинувањето, но оцени дека сериозноста на содржините и јавната штета што е предизвикана бараат јасна институционална реакција и утврдување одговорност.
Согласно член 21 од Правилникот за избор и работа на Советот на честа во конкретниот случај, Советот констатира три основани претставки, но тие се однесуваат на две различни медиумски содржини – една објава на „ТетоваСот“ и настапот во емисија на телевизијата „Клан Косова“. Тоа значи дека во последните 12 месеци се утврдени две одделни повреди на Кодексот, што ги исполнува условите за јавна опомена, но не и за предлог за исклучување од членство.
На таа основа, Советот на честа донесе заклучок да му предложи на Управниот одбор да изрече јавна опомена за новинарот Невриј Адеми, со образложение за утврдените прекршувања на Кодексот. Истовремено, Советот потсетува дека, доколку во иднина се донесе уште една негативна одлука за кршење на Кодексот во врска со нова, трета медиумска содржина во рамките на една календарска година, ќе биде обврзан до Управниот одбор да утврди предлог за исклучување од членството, во согласност со Правилникот и Правилникот за членство и членарина.
Оваа информација има за цел да ја информира јавноста за донесените одлуки, но и да послужи како потсетник за сите редакции и новинари:
- при известување за случаи на насилство, фемицид, смрт и други чувствителни теми да се избегнуваат шпекулации и непотврдени информации;
- да не се објавуваат детали што можат да доведат до препознавање на жртвата, освен кога тоа е во јасен јавен интерес;
- да не се користи јазик што ја префрла вината врз жртвата, ниту да се даваат коментари за нејзиниот приватен или интимен живот;
- да се применува родово-сензитивен пристап, а содржините редовно да се проверуваат за усогласеност со Кодексот на новинарите и со интерните уредувачки протоколи и етички упатства.
Советот на честа и ЗНМ ќе продолжат да постапуваат по претставки и да информираат транспарентно за своите одлуки, со цел унапредување на професионалните стандарди, заштита на достоинството на жртвите и јакнење на довербата на јавноста во новинарството.
