ОПОЖАРЕНО НОВИНАРСКО ПЕРО

Термометарот одамна го надмина 40-иот Целзиусов степен. Пожари беснеат низ земјата. Екипата на јавниот сервис се подготвува да го сними првиот човек на Центарот за Управување со Кризи, господинот Ангелов. На договореното место во договорено време го нема. Не се јавува на повиците, нема одговор на ниту една од десетте испратени пораки. Два часа новинарот и снимателот во абнормални услови го чекаат пред Центарот за управување со кризи за да ја информираат јавноста каква е состојбата. Но, господинот Ангелов не се појавува. По три часа чекање, дознаваме дека во разговор со уредникот на дневникот се правдал – ќе чекал да оддржи прес, иако еден ден претходно новинарот уредно го договорил разговорот на кој господинот Ангелов се согласил.
Во каква психофизичка состојба се нашле новинарот и снимателот никого не го засега. Особено не првиот човек на оваа институцијата. Веројатно, уште помалку го засега загриженоста на граѓаните од чии пари се финансира. На другиот крај, некаде на истокот на земјата, пламените јазици се шират. Над Кочани самошто не проголтале цели куќи- нечии домови. Новинарот Илчо Лазаровски со лопата во едната рака гасне пожар, а во другата со својата опрема во живо известува. Се чини неговата безбедност не е на „дневен ред“. И не е само неговата безбедност… Пожари се шират насекаде. Новинарските екипи се на терен и известуваат среде огнена стихија. Немаат соодветна заштитна опрема, а ризикот е преголем. Медиумите за кои работат небаре ги испраќаат на модна ревија. Пуста „ексклузивка“ како да е поважна од цената на едно „опожарено новинарско перо“. Не видовме ниту еден новинар со заштитна опрема, ама сопствениците на медиумите за кои работат, комотно и од далечина, во своите фотељи, оценуваат дали и колку добро е сработено. Дали некој се грижи за безбедноста на новинарите? Новинарите треба да се очите и ушите на јавноста, но само живи и здрави можат да и бидат корисни на јавноста.
Од Здружението на новинарите на Македонија апелираат новинарите да го практикуваат „Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани од висок ризик“. На пример, дека како и во други ситуации, новинарите треба да бидат доволно близу за да имаат преглед на настанот, но без да се изложуваат себе си или другите на ризик, или пак да попречуваат безбедносни или спасувачки операции. Фоторепортерите треба да ги почитуваат истите правила, а сепак да бидат доволно близу за да направат фотографии од настанот. Органите обично воспоставуваат периметар за да ги држат љубопитните на дистанца, па дури и новинарите. Препораката е органите да им обезбедат на новинарите место од кое ќе имаат јасна слика за настанот. За да се постигне оваа цел, треба да постои постојана комуникација помеѓу одговорните лица и новинарите со која ќе се воспостават заеднички насоки за известување од вакви настани (https://www.osce.org/files/f/documents/8/f/402461.pdf).

Секогаш кога известуваат од настани во кои се присутни болка или губење на живот новинарите се изложени на емоционален стрес. Тоа се случи и овојпат. Една жена не беше пронајдена откако изгорела во нејзиниот дом, а дел од медиумите, па дури и некои функционери ја прогласија за почината. Колку и да изгледаат „стерилни“ информациите од МТВ, тие се во линијата со етичките норми и стадарди односно нема да има вест додека не се добие потврда од официјален орган зашто се друго е шпекулација која може пред сé да предизвика тешки последици за најблиските. Јавниот сервис нема да објави официјално непотврдена информација која е присутна на порталите. Па така додека се чествуваше Илинден, социјалните мрежи вриеја за пожарот во Кочани. Па и осамна критиката „Кочани гори, а МТВ се чешла“. Јавниот сервис ја пренесе веста за пожарот, но подолу во вестите. Некои аналитичари протолкуваа дека се вагало дали прво да се пренесат илинденските пораки на политичарите или инфомацијата за состојбата со пожарот, , но остана неистражено дали можеби се чекало на официјална потврда, без која нема вест на јавниот сервис.
Ако на МРТ и се бројат „гревови“ како оној од „црниот понеделник’ и уште повеќе за „27-ми април“ кога на програмата одеше спортски натпревар додека во собранието се одвиваше драма, сепак МРТ овој пат не падна на испитот. Новинарите кои беа на терен известуваа соодветно на опасноста. Немаа заштитна опрема, ама не беа фрлени среде оган за да донесат сторија по цена на својот живот. Медалот има две страни, секогаш. За своето известување од подрачјето опфатено со пожари сведочи и новинарка од јавниот сервис: „Не користевме заштитна опрема. Не очекувавме дека толку ќе се рашири пожарот. На терен ги следевме инструкцииите на полицијата и имавме придружба од локален бизнисмен којшто многу добро го познаваше местото. Уредниците не предупредија да внимаваме на околностите и да не се изложуваме на ризични ситуации. Застанавме на место каде пожарникарите имаа одредено граница, само што го почнавме известувањето во живо како за миг пожарот стигна до нас. Моравме итно да се повлечеме, за влакно го избегнавме пожарот користејќи алтернативен пат кој ни го покажа жител од Будинарци“. Видно од нејзиниот исказ уредниците предупредиле на опасност за нивната безбедност. Ги придружувал жител од областа за да им помогне во движењето низ шумата во која самите лесно би се загубиле, па се заштитиле од евентуална несреќа.

Новинар од една национална телевизија ни раскажа: „Полиција не дозволуваше пристап, ама на наше инсистирање дозволијаа. Во тој хаос ниту ним, ниту на пожарникарите веројатно не им е должност да не обезбедуваат кога доброволно сме прифатиле да влеземево пожарите. Каде што бев јас двапати директно минавме низ срцето на пожарот, а за тоа колку сум бил изложен со снимателот отворете кај мене на фејсбук ќе видите фотографии од какво место се правеше линк. Немам трауми, но не би сакал повторно да се најдам во таква ситуација. Влегувањето на тоа ризично место беше самоиницијативно . А зошто би ми давале заштитна опрема од редакцијата, па шлем ми беше потребен и во собрание на 27-ми април ама не даваа ни на врата. Доволно сум свесен да проценам кои се опасностите и колку треба да сум изложен.“
Новинарот вели повеќе не би известувал за пожари, не би сакал да се најде во таква ситуација, но не ни очекува медиумот за кого работи да создаде услови за негова безбедност. Тој веројатно не е ни свесен за посттрауматскиот стрес.
Целата јавност можеше да види дека дури и најповиканите служби и институции и целиот државен апарат тешко се справуваше со оваа непогода. Вистина е дека не настрада ниту еден новинар, но колку од нив претрпеле емоционален стрес, страв и неспокој? Како се одразитоа на нивното психичко здравје? Како повторно ќе се соочат со слични ситуации ако знаат дека не се заштитени ниту безбедни?
Согласно препораките на КЗН (СРЈ) медиумските работници кои што покриваат какви било шумски пожари треба да бидат свесни за динамичната природа на таквата катастрофа и дека може да ги доведе во опасност. Исто така, треба да го имаат предвид системот и организацијата на институциите во земјата каде известуваат. Треба да се има предвид нивото на обука, стандардот на опремата и искуството на противпожарните институции. За да се минимизираат ризиците, уредниците и новинарите треба да имаат одредени безбедносни информации и соодветно на нив, да планираат. Новинарите и снимателите треба да бидат во добра здравствена состојба и со солидно ниво на кондиција. Условите можат да бидат екстремно лоши со високи температури, ниска влажност на воздухот и силен ветер. Можеби ќе треба да се движат брзо во зависност од текот на состојбата на теренот. Оние со респираторни проблеми треба да размислат дали ќе можат да се справат со работа во такви услови. За да ја пренесат ситуацијата објективно, вистинито и точно новинарите често забораваат на својата бебедност. Генералниот секретар на Европската федерација на новинарите, Рикардо Гутиерес смета дека во европските земји новинарите и медиумите ги почитуваат препораките на КЗН кои се сосема доволни, доколку секој уредник и новинар се придржува до нив при известувања од места опфатени со пожари. „Пред сé, потребна е темелна проценка на ризикот, вклучувајќи ги и сите опасности со кои може да се соочат новинарските екипи. Медиумските работници може да бидат сведоци на вознемирувачки сцени бидејќи имотите на луѓето се уништуваат и се убиваат животни, а може да згасне и човечки живот. Ваквите сцени на целосно уништување можат да бидат вознемирувачки.“ вели Рикардо Гутиерез (Ricardo Gutiérrez)
Комитетот препорачува особено новинарите да бидат подготвени да се повлечат во секој момент во случај ситуацијата да се влоши. „Останете заедно како тим воедно треба да ви се јасни насоките или маркираните објекти кои што ги следите… Доколку не е обезбедена соодветна лична заштитна опрема, како што се шлемови, маски, заштитни комбинезони, заштитни очила, ракавици и чизми, размислете од каде можете да ги набавите. Додека сте во возило држете соодветно растојание подалеку од главниот оган, подалеку од грмушки или висока трева и завртете го возилото за да го напуштите местото што е можно најбрзо .“
Од МВР посочија дека ангажирањето на полицијата при заштита на безбедноста на новинарите во услови на прогласена кризна состојба заради зголемен обем на пожари на територијата на Република Северна Македонија тие постапувале согласно подзаконски акти каде што се регулирани тактичко – оперативните мерки кои треба да се преземат. Во таа насока полицијата неселективно и без разлика на расната, верската и професионалната структура на граѓаните, превзема мерки и активности за превенција, прв одговор и справување со кризната состојба предизвикана од пожарите, тврдат од ресорното министерство. Дали ова беше доволно за да се заузда новинарскиот порив да се биде непосредно до настанот, најбрзо да се пренесе што се навистина се случува? Според „Science Brief“, веб-страница што прегледува научни студии со рецензија од различни теми, вклучувајќи ги и климатските промени се посочува дека шумските пожари стануваат се почести низ целиот свет и се зголемуваат и според сериозноста и според обемот. Од тука повеќе од потребно е медиумските работници кои што покриваат какви било шумски пожари да бидат свесни за динамичната природа на таквата катастрофа и за тоа дека ситуацијата која што брзо се развива на терен потенцијално може да ги стави во опасност. За да се минимизираат ризиците, уредниците и новинарите треба да ги земат предвид сите безбедносни информации и да го планираат соодветно известувањето од терен.
Подготвила: Фиљана Кока
Оваа тематска сторија е изработена во рамките на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија“ финансиран од Balkan Trust for Democracy преку програмата за слобода на медиуми.
Мислењата изразени во оваа публикација нужно не ги претставуваат оние на Амбасадата на Кралството Норвешка, Балканскиот фонд за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави или нејзините партнери“.