Од консултации до патоказ: македонска мрежа за информациски интегритет

Подобра меѓусебна координација меѓу организациите што веќе работат на медиумите, пристапот до информации и отпорноста кон дезинформации, заедничка база на истражувања и податоци, јавно и институционално делување и посебно место за правата на новинарите и професионалното новинарство, се четирите првични приоритети на нацрт-Патоказот за работа на Мрежата за информациски интегритет, што Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го претстави на 15 септември во Клубот на новинари во Скопје.
Мрежата за информациски интегритет е неформална, доброволна и непартиска платформа за соработка меѓу институции, медиуми, истражувачки и граѓански организации. Улогата не е регулаторна, не оценува содржини и не ги заменува постојните механизми за заштита, саморегулација и надзор. Целта е на чинителите што веќе работат во различни делови од истиот простор да им овозможи да се координираат подобро, да разменуваат информации, навреме да ги препознаваат новите ризици и да избегнува дуплирање активностите.

Процесот што ЗНМ го спроведе со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) покажа дека во Македонија не недостасуваат ниту релевантни чинители, ниту експертиза. Најпостојаната празнина што се повторуваше низ мапирањето, анкетата и двете консултативни средби е недоволната координација, отсуството на заедничка рамка за размена и ограниченото систематско споделување докази и информации.
Патоказот произлегува од структуриран процес спроведен во текот на 2026 година. Изработени се мапирање на чинителите и база на податоци, спроведена е анкета на која одговорија повеќе организации и консултативни средби, а во август се усогласени Услови за работа на Мрежата.
Во консултациите учествуваа претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Институтот РЕСИС, Фондацијата Метаморфозис, Центарот за развој на медиуми, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Македонската радио-телевизија, УНДП и други.

Нацрт-Патоказот е предвиден за индикативен период од околу дванаесет месеци и содржи дванаесет конкретни дејства распоредени во четирите приоритети, со очекувани резултати, индикативни учесници и рокови. Дејствата се поврзани со Глобалните принципи на Обединетите нации за информациски интегритет од 2024 година.
Патоказот ги задржува и заштитните механизми што произлегоа од консултациите: доброволно учество, уредувачка независност, заштита на личните податоци, почитување на институционалните надлежности и нерегулаторен карактер на Мрежата.
„Во земјава веќе има организации и институции со сериозно знаење и искуство во различни области поврзани со информацискиот интегритет. Вредноста на Мрежата треба да биде во тоа подобро да ги поврзе, да овозможи редовна размена на информации и експертиза и, кога постои заеднички интерес, да создаде простор за координирано делување. Патоказот е практична рамка за тоа“, посочи Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.
Во дискусијата, претставниците на СЕММ, МИМ и Фондацијата „Метаморфозис“ ја поддржаа насоката на досегашниот процес и ја нагласија потребата од практични механизми за редовна размена, споделување истражувања и други материјали и развивање заеднички активности таму каде што постои интерес. Нацрт-Патоказот беше доставен до чинителите пред средбата, а ЗНМ ќе ги земе предвид и дополнителните писмени коментари при подготовката на финалната верзија. Потоа ќе продолжи со постепено ставање на Мрежата во практична функција и со барање можности за дополнителна поддршка за активностите што бараат ресурси.
Настанот беше дел од активноста „Информациски интегритет“, што се спроведува со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата УНДП или на организациите што ги спроведуваат наведените иницијативи.
