Одржана Т-АЈМ обука за слобода на изразување, безбедност, истражување и етика во новинарството

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во рамките на Тренинг-академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ), на 18 и 19 септември во Маврово организираше дводневна обука на тема „Слобода на изразување и правни механизми за безбедност, истражување и етика во новинарството“.
На обуката учествуваа новинари и медиумски работници, кои имаа можност преку интерактивни сесии, практични вежби и дискусии да ги унапредат своите знаења и вештини во области од особено значење за професионалното и безбедно вршење на новинарската професија.
Во рамките на обуката беа опфатени две клучни тематски области – слободата на изразување и правните механизми за заштита на новинарите во случаи на загрозување на безбедноста, како и истражувачкото новинарство и етичкото известување.
Модулот посветен на слободата на изразување и правната заштита го водеше Лазар Сандев, при што учесниците се запознаа со правните механизми и можностите за заштита на новинарите при загрозување на нивните права и безбедност. Преку конкретни примери и дискусија беа разгледани предизвиците со кои новинарите може да се соочат во текот на професионалната работа и начините за соодветно постапување во вакви ситуации.
Во делот посветен на истражувачкото новинарство и етичкото известување, предавачи беа Маја Јовановска и Миомир Серафиновиќ. Учесниците дискутираа за практичните аспекти на истражувачката работа, проверката на информации и извори, професионалната одговорност и препознавањето и разрешувањето на етичките дилеми во новинарското известување.
Посебно внимание беше посветено на примената на професионалните и етичките стандарди во секојдневната новинарска работа, како и на важноста од независно, точно и одговорно информирање на јавноста.
Покрај едукативниот дел, обуката овозможи размена на искуства и вмрежување меѓу новинари и медиумски работници од различни медиуми, со дискусии за заедничките предизвици со кои се соочуваат во професионалното работење.
Обуката заврши со сумирање на стекнатите знаења и впечатоци, евалуација на програмата и доделување сертификати на учесниците.
Тренинг-академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ) е програма на Здружението на новинарите на Македонија насочена кон континуирано унапредување на професионалните знаења и вештини на новинарите и медиумските работници, како и кон јакнење на професионалните и етичките стандарди во новинарството.
Обуките се одржаа со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамки на проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“. За содржината е одговорно исклучиво Здружението на новинарите на Македонија и таа нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.
