Новинарството на суд: потценувачки однос кон јавноста

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со свои претставници и адвокатскиот тим денеска присуствуваше како јавност на повтореното судење во кое поранешниот вице-премиер Кочо Анѓушев ги тужи Сашка Цветковска и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Сакаме да потсетиме дека ваквите тужби како оваа кон ИРЛ во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овој вид на тужби служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на критични новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Овие тужби, посебно кога се иницирани од економски моќници, политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните.
Денешното прво рочиште е резултат на одлуката на Апелациониот суд Скопје на штета на слободното новинарство против колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) да ја поништи пресудата на Основниот суд и повторно го врати на судење предметот во кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ги тужи Сашка Цветковска и ИРЛ.
ЗНМ остро реагира на крајно омаловажувачкиот однос денеска од страна на адвокатот на г-дин Анѓушев кон присутните во судската сала, но и односот кон судот кој може да се квалификува како притисок кон јавноста.
Само да потсетиме дека Граѓанскиот суд ја одби тужбата за клевета на Кочо Анѓушев, но Апелациониот суд со срамна одлука утврди дека понискиот суд не ги ценел доказите совесно и грижливо, не зел предвид повеќе докази и сведочења кои биле против Цветковска и погрешно и нецелосно ја утвдил фактичката состојба.
ЗНМ како еснафска организација која нуди безплатна правна помош за новинарите и медиумските работници во земјава, но и како член на Европската федерација на новинари – ЕФН има пракса да ги следи, мониторира и да известува за процесите во кои се вклучени новинари и медиумски работници.