Новинарите цел на критики, но помалку платени

Новинарот Александар Самарџиев од градот Тетово веќе 20 години работи во оваа професија. Тој, во моментов, е принуден да работи во повеќе медиуми за да го обезбеди својот опстанок. Самарџиев вели дека од затворањето на локалната телевизија во Тетово, во која бил главен и одговорен уредник, останал без работа. Како искусен новинар, сега работи во неколку медиуми каде што е платен според темите и хрониките што ги подготвува. За него, главниот проблем останува здравственото и пензиското осигурување.
„Веќе долго време сум без здравствено и пензиско осигурување, понекогаш мислам да започнам да плаќам самопридонес, но работата што ја работам се плаќа врз основа на бројот на хроники. Морам да подготвувам повеќе хроники месечно за да можам да ги покријам трошоците на семејството и моите две деца“,вели тој.
Вели дека новинарството од година во година се плаќа помалку, и не е доволно вреднувано.
„Ние новинарите сме најмалку платена и ценета категорија во општеството. Повеќето медиуми се во сопственост на бизнисмени, и изненадувачки, вработените кои ги имаат во другите бизниси, ги плаќаат повеќе, додека, кога станува збор за новинарите или дописниците, платата никогаш не надминува 300 евра. Од друга страна, работата на дописникот, за разлика од другите е многу тешка, ние никогаш немаме распоред за работа, мораме да истражуваме и проверуваме, да бидеме подготвени во секое време да одговориме на потребите на основните медиуми, додека од друга страна сме категорија која е помалку ценета и платена. Ние новинарите прво треба да сме професионално подготвени, потоа мораме да ги знаеме и почитуваме сите закони и етички норми, мора да бидеме подготвени во секаква ситуација, и физички и психички, бидејќи за секој ден или за секоја хроника треба да се соочиме со различни ситуации. Ако новинарот не ги исполнува критериумите, тој не може да ја практикува оваа професија. И поради ова, бројот на млади новинари сè повеќе се намалува со тек на времето“, вели Самарџиев.
За жал, Александар не е сам. И Зоран Димовски е новинар кој живее и работи во Тетово. Димовски вели дека бил ангажиран како дописник во национален медиум, а истовремено бил ангажиран во локална телевизија од Тетово.
Иако бил вработен во два различни медиуми, имал проблеми со плаќањето.
„Кога бев вработен во локален медиум, работев и како дописник за национална телевизија. Локалниот медиум како услов ми постави да земам 50% од платата што ја добивав како дописник, бидејќи, како што ми беше кажано, во текот на работно време го користам времето за друг медиум. Мислам дека ова не е фер, бидејќи ги исполнував сите обврски што ги имав во тој медиум и во ниту еден момент не оставав информативно издание без информации“, рече тој.
Димовски вели дека за жал, ваквиот третман кон нив продолжува и денес додека неговите колеги не отвораат уста затоа што сакаат да си ја задржат работата.
„Мислам дека колегите уште остануваат на работни места, бидејќи немаат каде да одат. Тие ја сакаат оваа професија. Исто така во Тетово има многу малку медиуми за работа, особено за нас Македонците, и за жал мораме да се прилагодиме на условите што ги имаме. тој вели.
Новинарот Мурсел Мурсели, кој работел во двата системи на оваа професија, и во комунизмот и во демократијата, вели дека издавачката и информатичката активност претрпела значителни трансформации од година во година, што им олеснува на читателите, гледачите или слушателите да стигнат до информации.
Сепак, според Мурсели, професијата новинар останува една од најтешките професии за практикување.
„Со својата секојдневна работа, новинарот, покрај тоа што е близу до настаните, мора да биде и истражувач на разни појави што се случуваат во општеството, продирајќи во нив, секогаш на страната на општиот општествен интерес. За жал, работата на медиумските работници кај нас не се цени, тие го претставуваат слојот што секогаш е цел на критика, но чиј напор и посветеност во процес на информирање никогаш не се компензира“,вели тој.
Пред три децении медиумите работеа во не толку поволни услови за преземање на дејноста, но со текот на годините сé се смени во областа на информациите, вели Мурсели. Според него, бројот на новинари во одредени редакции бил ограничен, теренската работа била примарна, иако недостасувале информативните врски како што се користат денес.
„Огромното мнозинство новинари и други вработени во медиумите го решија правниот статус на ангажманот, врз основа на кој примаа плати. Имаше и невидена солидарност меѓу новинарите од различни редакции. Овој облик на соработка дополнително ја зголемуваше важноста од информирање на граѓаните. А пак денес, ми се чини дека е создадена голема конкуренција помеѓу редакциите. Создадени се многу портали, вестите што се објавуваат не се доволно контролирани, новинарската хиерархија не е создадена во одредени редакции, многу новинари имаат нерешен статус на работата итн.“, вели Мурсели.
За да се воспостави ред во областа на информациите, Мурсели предлага создавање професионално надзорно тело, кое ќе ги контролира информациите што ќе се објавуваат во медиумите.
Новинарите и медиумските работници со плата далеку под просечната, покажува анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) објавена на 10 јули 2020. Според анкетата, 35% од медиумските работници имаат од 15 до 20 илјади денари плата, што е далеку под просечната а 67% не се задоволни од платата или хонорарот.

Извор: ССНМ
Според Државниот завод за статистика за месец април 2020 година просечната плата изнесувала 25.830 денари. Според ова, најголемиот дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава. Според последниот извештај (2021) на „Репортери без граници“ од 180 земји, Северна Македонија е рангирана на 90 место, што само по себе зборува за атмосферата во која работат медиумските работници.
Подготвил: Сенат Зилбехари
Оваа тематска сторија е изработена во рамките на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ финансиран од Balkan Trust for Democracy преку програмата за слобода на медиуми.
Мислењата изразени во оваа публикација нужно не ги претставуваат оние на Амбасадата на Кралството Норвешка, Балканскаиот фонд за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави или нејзините партнери“.