Новинарите и обвинителите дискутираа за можните начини за заштита на слободата на изразување

„Промовирање на транспарентност и соработка: заеднички настан помеѓу Здружението на новинари на Македонија и Здружението на јавни обвинители“е насловот на средбата која се одржа вчера, а на која се дискутираше за можните начини за унапредување на меѓусебната соработка. На средбата беа присутни јавни обвинители од цела Македонија, членови на управните тела на ова здружение, како и членови од управните тела на ЗНМ.
За време на настанот се отвори конструктивна дебата од страна на новинарите и претставниците од обвинителството на која беа изнесени искуства, идеи и ставови кои би помогнале во иднина работите да се движат во позитивна насока, со оглед на тоа дека и двете страни работат во полза на јавниот интерес.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање рече:
„За нас како новинари, а и за вас како претставници на правосудниот систем, важна е точната информација. Транспарентноста и пристапот на јавноста со правосудните институции ќе придонесе кон развојот на правосудниот систем во земјата. За да се добие реална претстава до која мера слободата на изразување е заштитена во еден правен систем, важно е да се земат предвид прописите со кои истата се гарантира, како и прописите со кои таа се ограничува. Соработката помеѓу новинарите и обвинителите посебно доаѓа до израз кога имаме нови измени во Кривичниот закон кога се гарантира поголема системска заштита на медиумските работници. На тој начин за нас како Здружение на новинари е од голема важност да се воспостави позитивна судска пракса каде што ќе се штитат правата на новинарите меѓутоа нема да се загрози слободата на изразување.“

Претседателот на Здружението на јавни обвинители, Елвин Вели на темата кажа:
„Ја поздравувам иницијативата на ЗНМ за оваа средба, бидејќи сметам дека се уште имаме простор за работа во овој сегмент. Во рамките на Јавното обвинителство функционира Канцеларија за односи со јавноста, но ОЈО Скопје минатата година назначи и посебен обвинител за случаи поврзани со напади новинари, бидејќи сите сме свесни дека безбедноста на новинарите е навистина важна во едно демократско општество и тие предмети треба да имаат приоритет во постапувањето. Од активностите кои се планирани во иднина во рамките на Здружението на јавни обвинители, планираме отворање на медиумско катче, соработка со млади новинари, посебно со новинарите кои што работат на оваа материја отворени сме за предлози во насока на тоа на кој начин би ја подобриле меѓусебната комуникација, бидејќи целта на крај ни е иста – новинарите да добиваат точни информации, а јавноста да биде информирана за постапувањето.“

Васко Маглешов претседателот на Судско-медиумскиот совет имаше своја презентација на темата каде што спомена дека во моментов е воспоставена добра комуникација со судиите, со обвинителите процесот се одвива малку потешко, но се надевам дека тоа во иднина ќе се смени.
„Потребно е да се воспостави добра комуникација, односно потребно е да си веруваме едни на други за да може да функционираме. Заедничките обуки и семинари се одлична алатка да се направи тоа на подиректен и забавен начин, а сепак да има позитивен ефект. Идејата е да се направи правна обука за новинари во делот на правната терминологија , односно познавање на правна материја, како на пример што е пријавен осомничен, обвинет е најмалку што може да се направи, но има простор за надградба и во другите делови од правната материја. Нашата заложба е да се направат некакви препораки, водич за известување од судовите конкретно, но и од кривичните постапки.“

Од страна на двете здруженија беше дискутирано да бидат вклучени во процесот на создавање на стратегиите на двете страни кои што во моментов се во нацрт фаза, а тековно ќе се дефинираат и останатите активности и дел од темите кои ќе помогнат да се унапреди соработката и комуникацијата помеѓу новинарите и обвинителите, како и да се негуваат капацитетите на новинарите чија област на работа е правната материја.
*Настанот е организиран во рамките на проектот „Зајакнување на слободата на медиумите во Северна Македонија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од страна на холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите и мислењата на учесниците на настанот нужно не ги претставуваат ставовите на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер