Реализирана новата кампања за родова еднаквост во медиумите и безбедност на новинарите и медиумските работници

Здружението на новинарите на Македонија и Синдикатот на новинари и медиумски работници во соработка со Балканскиот фонд за демократија во изминатиот период работеа на видео кампaња за кревање на свеста за состојбата на новинарите и медиумските работници, каде што акцентот беше ставен на безбедноста на новинарките и родовата еднаквост во медиумите.
За потребите на кампањата, беа изработени видеа каде што беа интервјуирани новинарки жртви на напади и закани, како и стручњаци во областите кои вршат анализа на конкретните области, а потоа изработени видеа на македонски, албански и англиски јазик.
Зорана Гаџовска – Спасовска , новинарка во Радио Слободна Европа и Ферикан Илјази Арифи, новинарка во Euronews Albania:
Д-р Ивана Стојановска, раководителка на Одделение за поддршка на работата на директорот и односи со јавност Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Нита Старова, проектна координаторка за родови прашања во Фондација Фридрих Еберт Скопје и автор на анализата на ЗНМ за родова дискриминација во медиумите
Генералниот заклучок е дека иако новинарството се смета за „женска“ професија, сепак родовата еднаквост е речиси непостоечка кога станува збор за управувачките позиции во медиумите.
Обезбедувањето родова еднаквост во медиумската сфера претставува предуслов за просперитетна медиумска средина во едно демократско општество, медиумската индустрија неопходно е да биде предводник во заштитата на човековите права и еднаквоста. Родовите предизвици се клучен фактор.
Што се однесува до безбедноста, често сме сведоци на сексистички и деградирачки речник во нашата држава кон жените, медиумски работници, со кои се прави свесен напор за нивна дискредитација. За жал не се исклучени ни физичките напади. Според истражувањето на Меѓународната федерација на новинари, поголемиот процент од новинарките кои биле нападнати онлајн, решиле да се самоцензурираат и да престанат да обработуваат конкретни теми, во насока на избегнување на нови напади кон нивната личност. Нападот врз новинарите во една земја е напад врз демократијата.
Кампањата е изработена со финансиска поддршка од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави и Министерството за надворешни работи на Норвешка. Мислењата изразени во видеата нужно не ги претставуваат оние на Министерството за надворешни работи на Норвешка, Балканскиот фонд за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави или нејзините партнери.