Најавена дигитална платформа за информации од локален јавен интерес

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) одржаа иницијален состанок со регионалните координатори за активностите во рамките на иницијативата „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со дезинформации и родово-базирани дезинформации“.
Целта на овој проект е изработка на дигитална платформа и изработка на веродостојни новинарски производи за разоткривање на пласирани дезинформации и наративи кои се однесуваат на локални прашања од повеќе градови во земјава. Овие активности би придонеле кон кревање на свеста и јакнење на капацитетите на локалните заедници да бидат поотпорни на лажни и неточни информации како и зголемување на општествената свест за родово базирани дезинформации. Дополнително, преку оваа иницијатива, целта е да се стимулира и промовира етичкото новинарство преку доделување на новинарски награди.
На состанокот беа присутни координаторите од регионалните центри во Штип, Струмица, Тетово, Охрид и Куманово.
Колегите од регионалните центри ги поздрави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече дека кога станува збор на дезинформации, ЗНМ постојано работи на темата преку организација на дебати, обуки и настани, така што овие проектни активности претставуваат надоврзување на напорите на ЗНМ во таа насока.
„Постојано работиме на подобрување на пристапот на препознавање на дезинформации, дали е тоа преку обуки, едукации или Советот на честа и другите тела во ЗНМ. Тоа што посебно ме радува во контекст на заложбите на ЗНМ е фактот што на овој начин ќе се стави акцент на поддршката на локалните медиумски заедници, што всушност е и цел на овој заеднички проект на ЗНМ и УНДП и така да придонесеме најмногу што можеме кон развој на локалното новинарство, кое што во последните години е во незавидна состојба“- рече Чадиковски во неговото обраќање.
Дарко Чекеровски, офицер за комуникации и партнерства во УНДП ја објасни подетално идејата за целиот проект.
„Целта е , како што знаете, во соработка со Здружението на новинари да се отвори професионална медиумска платформа што ќе покрива неколку помали или средно големи градови. Од аспект на разоткривање на дезинформаците, лажните вести, но и создавање на сопствени, професионални медиумски содржини, со посебно внимание на негување на родова еднаквост и промовирање на содржини кои како главна тема ја имаат родовата еднаквост. Да кажам првин зошто се одлучивме за помали градови, а не Скопје или поголемите центри. Додека во Скопје во последните 7-8 години се создадоа и медиумски пораснаа сериозни редакции кои работат на разоткривање на дезинформации, лажни вести и пропаганда, често пати со помош на донатори на кои при срце им е развојот на демократијата, во помалите места најчесто граѓаните на медиумскиот хоризонт имаат само пар медиуми, најчесто јавниот сервис или сајт на општината или локална телевизија која едвај опстојува во медиумскиот простор. “ – кажа Чекеровски.

Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, се задржа повеќе на техничкиот аспект на претстојните тековни активности.
„Самата платформа е подолго планиран проект, бидејќи не беше едноставно во краток период да се изработи нешто комплексно. Сакаме да продолжи понатаму, да има влијание на теми од локално јавен интерес преку кои ќе се побиваат одредени дезинформации. Во следниот период ќе почне да се поставува и дигиталната платформа а дел од мултимедијалните содржини ќе се фокусираат на родово базирани теми.. Главниот ангажман ќе биде на шесте координатори на ЗНМ со вклучување на определен број на соработници од локалните медиумски заедници“ – објасни Секуловски.
Очекуваните резултати се да бидат креирани нови медиумски содржини со фокус на негативните ефекти од дезинформациите и родово-базирани дезинформации од важност за локалните заедници од помалите градови во Македонија. Заинтересираните новинари ќе имаат можност и за учество на обука на овие теми во организација на канцеларијата на УНДП во Скопје.