Младите новинари како шанса за нова ера на медиуми со интегритет и влијание

Во последните три години, многу од клучните стратегии на донаторските програми за поддршка го ставија младинското новинарство високо на листата на приоритети. Преку сè подостапните и поприсутни тренинзи од страна на медиумските организации, младински програми во локалните редакции и преку училишните весници, поткасти и други дигитални платформи, денес во развиените земји во светот младите се вклучени во продукција на квалитетно новинарство на начин кој станува сè повидлив и се проценува за витален за опстанокот на заедниците.
Од особена важност е младите новинари да се учат на таканаречната стара школа за етика и стандарди, а формалните и неформалните образовни организации да им овозможат на младите луѓе приказните кои ќе ги комуницираат со светот да имаат интегритет, ефективност и сеопфатно покривање. Само соодветно тренирани и високомотивирани новинари можат да ја вршат улогата на чувари на вистината и да бидат вистински очи на граѓаните во време кога повеќето граѓани се апатични. Во Северна Македонија младите уредници и новинари кои во минатата деценија работеа со Organized Crime and Corruption Reporting Project – OCCRP со фокус на стекнување аналитички и критички вештини за откривање криминал и корупција, денес во мала редакција во Скопје, без формални тренинг програми, туку исклучиво преку практична работа и поттикнување на храброто новинарство, тренираат нова генерација медиумски работници кои треба да дадат придонес во светската борба против корупцијата и криминалот како најголеми закани за демократијата. Нивното искуство во оваа публикација е презентирано како уникатен концепт кој ги обединува искуствата на младите уредници и истражувачки новинари кои биле тренирани и работеле регионално и меѓународно на теми на кои работеле и нивните врсници во Европа и светот.
Денес преку локалниот центар на Истражувачката репортерска лабораторија се тренираат нови млади сили во почетните стадиуми на нивните кариери, со стремеж да се креираат глобално компетитивни критички умови кои ќе ја разберат моќта на медиумите и ќе ги сетираат идните стандарди рамо до рамо со своите врсници во светот. Како еден од заклучоците на кои нè упатува оваа публикација е тоа дека улогата на младите новинари во медиумска индустрија е од особено значење и затоа е потребно медиумите да имаат механизми за привлекување, но и мотивирање за работа на младите кадри. Едукацијата на работното место, но и можноста медиумите да им овозможат на дел од младите новинари да земат учество на надворешни обуки организирани од страна на разни граѓански и еснафски организации е од особена важност за професионалниот развој на младите медиумски работници.
Во услови кога професијата новинарство се соочува со дефицит на млади кадри е потребно менаџментот да размислува како да ги поттикнува професионалните млади новинари да продолжат да бидат активни во своите медиуми. Високообразовните институции, пак, во државата е потребно да ги следат модерните трендови во професијата и на тој начин да имаат атрактивни курикулуми кои повторно ќе привлекуваат нови студенти по новинарство. Ова ќе придонесе младите критични новинари да продолжат да бидат професионални, затоа што такви се потребни за промовирањето и заштитата на јавниот интерес.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Фондацијата “Конрад Аденауер” објавија публикација на тема ,, Младите новинари како шанса за нова ера на медиуми со интегритет и влијание” каде фокусот е пред се улогата на младите новинари во медиумската индустрија во Северна Македонија.
Младинското новинарство е решението за проблемите и платформа за идеите кои ќе ги трансформираат заедниците, градовите, државите, светот во нивното време и во иднина.