Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Младен Чадиковски нов претставник на ЗНМ во Националниот совет за евроинтеграции

ZNM
Tuesday 29 January, 2019Tuesday 29 January, 2019/ Tuesday 29 January, 2019

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – Младен Чадиковски е нов претставник на ЗНМ во Националниот совет за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија.

Главни задачи на Националниот совет се да го следи и оценува текот на активностите за добивање членство на Република Македонија во Европската Унија; да дава мислења и насоки во врска со подготовките за започнување на преговорите за добивање членство во ЕУ; да разгледува информации за процесот на преговарањето; да дава мислење за усогласување на законодавството на Република Македонија со правото на Европската Унија итн.

Советот има претседател, потпретседател, 15 члена и девет заменици членови, и тоа: девет члена од редот на пратениците во Собранието, кои имаат свои заменици и шест члена од други институции: заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, претставник од Кабинетот на претседателот на РМ, претставник од Кабинетот на претседателот на Владата на РМ, претставник од Македонската академија на науките и уметностите, од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и од Здружението на новинарите на Македонија. Овие шест членови учествуваат во работата на Советот без право на одлучување.

Оваа волонтерска позиција во изминатиот мандат ја вршеше претходниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани.

Собранието на Република Македонија на 81 седница која се одржа на 28.01.2019, донесе одлука за изменување на одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции. Со оваа одлука, како претставник на ЗНМ, беше именуван Младен Чадиковски.

(СЛИКА: Правдико)

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwitterlinkedin