Мишко Иванов и Ненад Георгиевски добитници на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“

Државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за остварување во областа на новинарството денеска му беше доделена на колегата Мишко Иванов
Иванов е новинар кој последните 10 години успешно работи на емисијата „Патот до успехот“ која има за цел да го прикаже патот до професионалниот и животен врв на славните познатите и признатите, а воедно да прикаже дека ниту еден животен пат не е едноставен. Во досегашните 10 сезони, во оваа емисија поминаа повеќе од 300 гости.

Својата кариера ја започнува во радио Канал 77, а ја продолжува во А1 телевизија и како дописник на белградската телевизија Б92. Покрај проектот „Патот до успехот“, Мишко Иванов во моментов работи како уредник во ТВ24, автор и водител е на политичкиот магазин „Студио 10“ и е на позиција уредник на дневникот во матичната телевизија. Меѓу останатите активности, член е и на Управниот одбор при ЗНМ.

За време на пригодната церемонија во Кристалната сала на Собранието на РСМ беше доделена уште една награда од областа на публицистиката, а ја доби Ненад Георгиевски.
Државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ го носи името на првиот претседател на Здружението на новинарите на Македонија, за првпат е доделена во 1969 година и оттогаш се доделува секоја година.
