Меѓусекторската соработка како фактор за борбата против тероризмот

Терористички напади има насекаде низ светот. Целите и мотивите на терористите се различни. Таргет локации, вообичаено, се места кaде што се движат повеќе луѓе, но и административни објекти. Во септември, годинава, беше спречен можен терористички чин и во нашата земја. Министертвото за внатрешни работи приведе тројца кумановци, кои според соопштението биле повратници од боишта и веќе имале издржувано затворски казни. Кај нив полицијата пронашла експлозивни направи. Од МВР соопштија дека цел на оваа терористичка група биле неколку локации низ метрополата.

„Соработката помеѓу надлежните домашни и меѓународни институции во размената на информации и преземањето на други активности насочени кон превенција и спречување на насилниот екстремизам и радикализацијата, е од суштинско значење за успешна политика која ќе даде видливи резултати и ќе ги заштити имотот и безбедноста на граѓаните“ – изјави проф. д-р Никола Дујовски, Декан на Факултетот за безбедност – Скопје.
Националната стратегија за борба против насилен екстремизам и тероризам е сеопфатен документ кој стратешки ќе ги насочува и ќе ја олеснува реализацијата на политиките за кои се залагаат државните органи. Вклучувањето на сите надлежни институции, невладиниот сектор, верските заедници, образовниот систем, како и поддршката од меѓународните професионални здруженија и организации ќе ја комплетираат сликата на одговорот кој Северна Македонија ќе ги даде како релевантен партнер во меѓународната заедница, членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ.
Во Националната стратегија за борба против тероризмот во Република Северна Македонија, како чинители во борбата против тероризмот се наведени: Министерството за внатрешни работи, Управата за безбедност и контраразузнавање и Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање; Министерството за одбрана – Сектор – Служба за воена безбедност и разузнавање, Министерство за правда; Министерството за финансии – Управа за финансиско разузнавање, Царинска управа и Управа на финансиска полиција; Јавното обвинителство, со акцент дека се вклучени и другите институции во работата на Националниот комитет. Стратешките приоритети се превенирање, заштита, гонење и одговор. ( Извор: Национална стратегија на Република Македонија 2018-2022)
МВР и разузнавачките служби се врвот на пирамидата во справување со тероризмот. Оттаму велат дека меѓусекторските координации доаѓаат од Националниот комитет за справување со насилен екстремизам и борбата против тероризмот. Од полицијата соработката во справувањето со ова зло ја оценуваат на задоволително ниво, за што се видливи и резултати.
„Во Генералниот Секретаријат на Владата на РС Македонија во оваа област е формиран Националниот комитет за справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот, раководено од Национален координатор, за согледување на предизвиците и координирање на различни институции/сектори во насока на справување со овие феномени. Соработката со разузнавачките служби е континуирано и на задоволително ниво, одделни акции преземани во минатото, во значителен дел, се резултат на таквата меѓусекторска соработка“ – оценуваат во МВР.
Во казнено-поправните установи беа спроведувани обуки за детектирање елементи на насилен екстремизам кај затворениците. Од Управата за извршување санкции информираат дека досега не се забележани тенденции за активности на поттикнување на тероризам.
„Управата за извршување на санкциите, во текот на 2019 година, во соработка со Советот на Европа, спроведе обука на затворскиот персонал, со цел препознавање на знаци на радикализација кај осудените лица. Обуките за околку 170 лица од затворскиот персонал, главно, беа еднодневни (почетни), освен за 30 вработени лица, за кои беа реализирани четиридневни напредни обуки. По спроведените обуки на затворскиот персонал, во затворите не се забележани тендеции за појава на радикализација кај осудените лица кои издржуваат казна затвор во РСМ – изјавија од Управата за извршување санкции.
И Министерството за образование и наука имаат претставник во Националниот комитет за борба против тероризам и спречување на насилен екстремизам. Од МОН известуваат дека Комитетот има усвоено голем број стратешки документи и многу елементи од нив, кои се однесуваат на детектирање и спречување на разни форми на насилство и асоцијални појави, се интегрирани во образовниот систем и во наставните програми.
„Учениците, уште од најрана возраст, од почетокот на формалното образование, па сè до завршувањето, во рамки на предметот граѓанско образование, но и преку мултидисциплинарен пристап, преку различни предмети, се едуцираат да разликуваат добро од лошо, морално од неморално и, меѓу другото, стекнуваат информации за опасностите од подведување за учество и делување во организации чии цели се поврзуваат со насилство и тероризам. Националниот комитет има одржано и обуки во училиштата, наменети за стручниот кадар, кои се однесуваат на детекцијата и спречувањето на насилни радикални елементи и појави во образовниот систем и училиштата. Цениме дека механизмот за превенција на младите од учество во радикален тероризам и слични појави е добар“ – информираат од МОН.
Невладини организации се со став дека во борбата против насилниот екстремизам и тероризам е неопходна меѓусебна соработка на државните органи, граѓанските организации, образовните институции, медиумите. Невладината „Иницијатива за европска перспектива“ веќе работи на проекти поврзани со овие појави.
„Треба да работиме, првенствено, на превенцијата, при што насилниот екстремизам и тероризам не би претставувале предизвик за еден млад човек, туку напротив, заедно, би креирале клима во којашто овие појави се општествено неприфатливи. Заедничката соработка продолжува и во борбата против веќе радикализираните лица, како и во процесите на ресоцијализација и реинтеграција во општеството на осудениците и повратниците од странските боишта. „Иницијатива за европска перспектива – ИЕП“ тековно спроведува два проекти поврзани со овие појави. Едниот во соработка со ЗНМ, МВР и МО, а другиот во соработка со повеќе граѓански организации, при што една од целите е градење платформа на граѓански организации кои што работат на полето на едукација на младите како превенција од насилниот екстремизам и тероризам. Во 2021 година, се очекува ИЕП да се вклучи во спроведувањето на уште еден проект, при што фокусот ќе биде рехабилитација и ресоцијализација на странските борци, односно повратниците“ – изјави Елена Миленкоска – Михаиловска од Невладината „Иницијатива за европска перспектива – ИЕП“.
Невладината „НЕКСУС – Граѓански концепт“ работи на проекти со средни училишта за основи на познавање на радикализацијата која може да води до насилен екстремизам кај младите.
“Во зависност од конкретната активност што ја спроведуваме, на пример, „Нексус граѓански концепт“ досега работеше и сè уште работи во делот на образованието. Досега имаме реализирано еден проект, при што спроведовме обуки, конкретно за средните училишта во пет општини во Македонија. Обуките беа спроведени за основи на познавање на радикализацијата која што може да води до насилен екстремизам кај младите. Подготвивме прирачник, а сето ова беше во соработка со Бирото за развој на образование и со Министерството за образование. Во моментот, исто така, имаме посебна активност за подготовка на едукативни видео алатки, коишто се наменети за училиштата“ – изјави Афродита Муслиу, извршен директор на НЕКСУС Граѓански концепт.
За властите од регионот од пресудна важност е соработката во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Се гради довербата преку низа обуки и размена на информации, со цел пресретнување на терористите при обидите да го остварат замислениот чин.. Преку споделување на искуствата на високо ниво, со организацијата на различни конференции, целта е соодветно да се одговори на задазените удари од страна на терористичките ќелии кои се распространети низ светот.
Автори на сторијата: Габриела Лескова, Милан Спировски и Наташа Гркова-Петрушевска
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија.