Медиумските реформи сѐ уште чекаат подобри денови

Патот кој води кон евроинтеграциите на секоја држава кандидат за членка на Европската Унија е неминовно поврзан со медиумите, условите во кои тие работат и законската рамка во која тие функционираат. Потребата за реформирање на медиумскиот сектор во Република Северна Македонија е нотирана веќе подолго време и е дел од речиси секој извештај на меѓународните организации кои ја оценуваат оваа област. Со правилно спроведување на реформите медиумскиот сектор ќе обезбеди одржливост, независност од политички и економски притисоци, но ќе бидат обезбедени и поквалитетни информации и програми за граѓаните.
За жал, во изминатите неколку години, делумно беа изгласани одредени медиумски реформи во Собранието на Република Северна Македонија, а беа донесени и одредени одредби од страна на Владата кои претходно беа дадени како изборни ветувања. Проблемот настана со неспроведувањето на овие закони или уредби.
Нецелосното или воопшто неспроведувањето на законите придонесува кон стагнација или назадување на медиумскиот сектор. На пример, едно од главните ветувања на актуелната влада беше укинувањето на државните средства во медиумите. Според анализите на Здружението на новинарите на Македонија, оваа уредба ја почитуваат само институциите на централната власт, додека кај локалната власт сѐ уште постои практиката за слевање на државни пари во медиумите. Ова претставува директно кршење на уредбата на Владата.
Интересно е дека општините од своите буџети издвојувале пари за претплата за весници, откуп на простор за рекламирање, договори за учество на манифестации, маркетинг услуги и така натаму. Освен тоа, општините на локалните и регионалните медиуми им плаќаат и за објавување на огласи и соопштенија, како и за објавување на честитки.
Покрај ова, честопати во јавноста, особено во последните две години, сведоци сме како Владата ветува креирање на нови фондови за медиумите чија главна цел треба да биде ширење на „позитивни“ кампањи. Преку платени кампањи во медиумите, минатата власт успеваше да стави под контрола неколку поголеми национални медиуми и со тоа да ја „убие“ критиката во јавност.
Излевањето на државни пари во приватните медиуми продолжува и со платеното политичко рекламирање. На пример, за време на претседателските избори за платена политичка кампања Државната изборна комисија исплатила 3,75 милиони евра на медиумите. Од овие средства нешто помалку од 1 милион евра имаат поделено радијата, весниците и онлајн медиумите, додека повеќе од 3 милиони евра им биле исплатени на петте национални телевизии.
Практиката на нецелосно спроведување на реформите е најзабележлива при изборот на членовите на Програмскиот совет на МРТ и на членовите на Советот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Под изговор дека опозицијата ја има контролата во Комисијата за избори и именувања, Програмскиот Совет на МРТ и Советот на АВМУ веќе подолг период не можат да добијат нови членови, а требаше да бидат избрани уште во 2019 година.
Земајќи во предвид дека работата на националниот сервис е една од клучните алки или главен двигател на медиумите во секоја демократска држава, станува јасно дека токму оваа реформа е клучна за реформирање на целиот медиумски сектор. Претседателот на Собранието, Талат Џафери одлучи дека постапката за изборот на членовите во овие две тела мора да биде направена одново, а тоа значеше повторување на отворениот повик за пријавување на нови членови.
Вредно да се напомене е дека само изборот на членовите на Програмскиот совет нема да го реши проблемот со репутацијата и гледаноста на Македонската Радио-Телевизија. Процесот на враќање на довербата на јавноста во националниот сервис ќе биде долг и тежок. Проблемите со администрацијата, финансиите, долговите, програмата, недостигот на квалитетен кадар ит слично, не се решаваат преку ноќ. Овој процес треба да биде долгорочен и со учество на сите новинарски организации, странски и домашни експерти
Сегашниот модел на избирање на нови членови за овие две тела налага постигнување на консензус меѓу власта и опозицијата, бидејќи предложените членови се избираат со двотретинско мнозинство. Вака, високо поставениот праг од квалификувано двотретинско мнозинство потребно да се изберат новите раководни тела на регулаторното тело и на јавниот радиодифузен сервис во сегашната политичка ситуација на речиси целосна поларизација и неможност една партија или коалиција, да освои такво квалификувано мнозинство, ги прави двете тела практично неизбирливи.
(Не)избирањето на членовите во овие две тела не е единствениот проблем во медиумскиот сектор. Финансирањето на јавниот сервис исто така претставува голем проблем. Имено, и покрај законската обврска, Владата во изминатите неколку години не успеа да обезбеди скалесто зголемување на буџетот на МРТ од 0,6 отсто во 2018 година до 1 отсто заклучно со 2021 година. Со кризата предизвикана од коронавирусот, средствата за 2021 година не само што не се зголемија, туку се намалени за 3,6 милиони евра[1]. Ова може да се толкува како директно мешање во финансиската и уредувачката политика на јавниот сервис, нешто што е недозволиво и неприфатливо за една демократска држава.
Безбедноста на новинарите е уште едно горливо прашање во контекст на условите во кои функционираат новинарите и медиумите во Северна Македонија. Според Регистарот на напади на Здружението на новинарите на Македонија, во последните две години регистрирани се повеќе од десет вербални напади врз новинари од кои во поголемиот дел од нив се работи за закани упатени на социјалните мрежи. За жал, иако повеќето напади се пријавени во Министерството за внатрешни работи (МВР) или во Основното Јавно Обвинителство (ОЈО), само еден од заканувачите бил казнет од судот.
Во насока на подобрување на безбедноста на новинарите, ЗНМ и ССНМ подолг период бараа измени во Кривичниот законик, во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници[2]. Оваа година конечно Владата[3] објави дека ги усвоиле овие измени и во иднина нападите врз новинарите и медиумските работници ќе се третираат како напади врз службени лица, додека казните за напаѓачите ќе бидат повисоки и поостри. Како и во случајот со останатите закони кои ја регулираат работата на медиумите, новинарите и медиумските работници во иднина ќе биде клучно овие законски измени да не бидат мртво слово на хартија, туку доследно да се спроведуваат од страна на соодветните институции.
Главниот заклучок на оваа анализа е дека медиумските реформи можат да бидат добри единствено доколку доследно се спроведуваат во пракса. Доколку медиумите се оставени подолг период да функционираат без целосно спроведување на законите, медиумскиот пазар ќе се дисторзира, новинарството ќе станува сѐ помалку атрактивна професија за младите, квалитетот на содржините ќе опаѓа, а граѓаните сѐ повеќе ќе ја губат довербата во медиумите.
Дополнително, чекајќи да се спроведат овие реформи, веќе се јавува потреба и за ново изменување и дополнување на законите и уредбите, особено во контекст на олеснување на работата на медиумите и новинарите кои се најдоа во тешка ситуација поради пандемијата со Ковид-19. Потребно е сите институции да овозможат безбедни услови за работа за новинарите и медиумските работници, особено при работа на терен или при покривање на настан организиран од некој од државните органи.
Подготвил: Дениз Сулејман
Оваа анализа е подготвена во рамките на проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“, финансиран од страна на Сида и спроведуван од страна на БЦСДН. Содржината на оваа анализа и презентираните информации и ставови не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на Сида и БЦСДН. Одговорноста за информациите и ставовите изразени во овој документ е во целост на авторот / авторите.
[1]МРТ со скратени 3,6 милиони евра во предлог-буџетот за 2021 година https://mediaobservatorium.mk/mrt-so-skrateni-3-6-milioni-evra-vo-predlog-budhetot-za-2021-godina/
[2] Измени на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите и медиумските работници https://znm.org.mk/izmeni-na-krivichniot-zakonik-za-pogol/
[3] Маричиќ: Направивме законски измени за да не ни се повторуваат напади врз новинари https://vlada.mk/node/26034