Медиумска слобода и безбедност: Сон на секој новинар – кошмар за „балканските” политичари

„Ако ја браниме слободата на нашите медиуми, тогаш ја браниме и нашата демократија” порача претседателката на Европската Комисија на 15-ти септември оваа година во Европскиот парламент. Тој ден кога Урсула фон дер Лајен за прв пат испрати моќни пораки за слободата на медиумите и најави Иницијатива за заштита на новинарите од закани и вознемирување, Европската федерација на новинари (ЕFJ) алармираше дека две жени од Босна и Херцеговина кои се поврзуваат со новинарската професија се жртви на говор на омраза.
Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари во БиХ и професорката по новинарство Лејла Турчило повеќе од една година се мета на националистички коментари и омраза на социјалните мрежи иницирани од одредени веб-портали.
БиХ припаѓа на групата од шест земји кои се дел од „Западен Балкан” и кои делат слично турбулентно минато на конфликти и една иста цел за иднината – Европската унија. Во април 2021-та година земјите од Западен Балкан ја добија квалификацијата на „хибридни режими”. Тоа значи пад на демократијата во Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора и нивно сместување во „сивата зона”, меѓу демократијата и автократските системи.
Во описот на демократијата влегува и слободата на изразување, која пак според последниот Извештај на „Репоретери без граници” има минимално поместување на назад кај земјите од Западен Балкан. Северна Македонија се најде на 90тото место и забележа највисоко рангирање досега од 2013-та година. Косово, Албанија, БиХ се пред нас, додека пак намалена слобода на говор е регистрирана во Србија и Црна Гора. Новинарите и медиумските работници делат исти судбини, се чувствуваат небезбедни и незаштитени од државата.
Искуства на новинари од Западен Балкан: Претепани, навредувани и спречени да известуваат
Ако ги прашате новинарите кои известуваат и работат во земјите од Западен Балкан дали се чувствуваат безбедно во својата земја, ќе добиете идентичен одговор: „Безбедни сме сѐ додека не излеземе на терен и треба да известуваме од протести”.
Лорин Кадиу е млад новинар од Тирана, вработен во Citizens Channel и за оваа анализа сведочи дека заедно со негови колеги настрадале од неколку форми на насилство за време на протести кои се случиле во Тирана изминатите години.
– „Минатата година додека ги покривав насилните протести заради убиството на младо момче од страна на полицијата, бев нападнат со водени топови од полицијата кои што ја уништија мојата опрема и многу солзавец кој што се фрлаше на улиците со денови. Ова не беше ново искуство, со оглед на тоа колку се незаштитени новинарите на настани како што се протестите против уривањето на националниот театар, протести против уривање згради за изградба на новиот сообраќаен прстен во Тирана”, вели Кадиу.
Инаугурацијата на митрополитот Јоаникиј во Црна Гора беше најавена како висок безбедносен ризик и Владата неколку дена претходно извести дека не може да гарантира апсолутна безбедност на новинарите. Тоа се потврди, а овој настан претставува добра показна вежба како новинарите се оставени сами на себе.
- „Новинарката на N1, Александра Тољ Ружиќ, известуваше во живо за хаотичната ситуација на улиците во Цетиње. Полицијата постојано фрлаше солзавец за да ги растера демонстрантите. Групи граѓани кои се разотидоа на улиците ја нападнаа екипата на телевизијата која снимаше и фрлаа со камења врз нив, пишува во извештајот на Синдикатот на медиуми во Црна Гора.
Оваа година се регистрирани 21 случај на напади и закани и тоа доволно зборува за средината во која новинарите и другите медиумски работници ја вршат својата работа, вели Бојана Лаковиќ Конатар од СМЦГ.
„Нашето искуство покажа дека поради зголемените закани и напади врз новинари, но и поради целокупната социјална и политичка клима во земјата, новинарите не се чувствуваат слободни или безбедни. Нашата база на податоци за случаи на напади врз новинари покажува дека сѐ повеќе обични граѓани се јавуваат како сторители на напади врз новинари или закани по новинари, и тоа е она што нaс нѐ плаши”, вели Конатар.
Новинарката од ТВ 21 Валмира Зендели од Скопје секогаш ќе го памети протестот за осудените во случајот „Монструм” кога буквално пред очи летаа контејнери, камења и тешки предмети. Во таа ситуација се почуствувала дека ѝ е загрозен животот, но во едно друго новинарско известување се сеќава дека не само што не добила заштита од полицијата туку и била избркана од локацијата од каде требало да испрати извештај за вестите.
- На протестот за случајот „Монструм“, новинарите не беа заштитени. Се фрлаа камења, пиротехнички средства, новинарите беа принудени самите да се заштитат. Најмногу се чувствував загрозена кога известував за едно убиство во Чаир. Полицијата нѐ спречуваше да ја вршиме нашата работа, велејќи ни дека ситуацијата е тензична и дека треба да си одиме од местото. Полицијата наместо да нѐ заштити тие нѐ спречуваа да ја вршиме работата”, вели Зендели.
Заташкани истраги – заспани органи на прогонот
Епилогот од постапките за напади на новинари и медиумски работници во земјите од Западен Балкан вообичаено води кон слепа улица. Во последен период, незначителен е бројот на решени случаи во споредба со зголемениот тренд на напади, не само физички туку и преку социјалните мрежи. Генерално причините за ваквиот разочарувачки исход се недоволната законска заштита која треба да гарантира посебни права на новинарите и другите медиумски работници во делокругот на нивното работење.
Нападнатите новинари во Македонија најчесто добиваат совети сами да поднесат приватна тужба против сторителот, додека државата ги гони само прекршочно, вели Тамара Грнчаровска, новинарка од Телма и членка на Извршниот одбор на ССНМ.
- Тоа се должи токму на тоа што најголемиот дел од нападите врз новинарите и медиумските работници се процесуираат во приватна тужба, а не по службена должност. Најчесто по пријавување во институциите, новинарите се обесхрабрени да продолжат со гонењето на напаѓачите и поради трошоците за постапката, но и заради повторното соочување со напаѓот во судница, вели Грнчаровска.
Новинарите честопати не се свесни за опасностите и заканите, па затоа нередовно пријавуваат тешки форми на закани заклучуваат од Независното здружение на новинари во Србија. (НУНС). Нивното искуство упатува на еден феномен типичен за балканските простори, а тоа е селективното постапување на правосудните органи кога се работи за напаѓачи кои се поврзуваат со актуелната власт.
- Постапката за пријавување и брзината на реакција на Обвинителството и полицијата во некои случаи се на завидно ниво, а во таа фаза надлежните органи и стручната јавност не го кријат своето задоволство и го посочуваат напредокот. Меѓутоа, фазата на собирање податоци, поднесување обвиненија, ставовите на обвинителите за одредени прашања и понатамошните постапки предизвикуваат незадоволство кај настраданите новинари и стручната јавност, вели Тамара Филиповиќ Стевановиќ, генерален секретар на Независното здружение на новинари Србија (НУНС)
Балканските „лидери- хушкачи’ кои ги пуштаат отровните стрели кон новинарите
Во периодот од 2018-та до 2020-та година, во регистарот на ЗНМ се забележани вкупно 21 напад на новинари и медиумски работници, од кои три напади се случиле вo 2018-та година, следната 2019 година се регистрирани четири, а во 2020-та година 14 напади врз новинари и медиумски работници. Освен што се зголемил бројот на вербални, расте и бројот на онлајн напади врз новинари, па од тие 14 закани минатата година, осум биле упатени преку социјалните мрежи. Најизразен негативен пример на напад и навредување на новинар беше оној на претседателот на политичката партија „ЛЕВИЦА”, Димитар Апасиев кој на својата Фејсбук страница јавно етикетираше и омаловажуваше новинарки и медиумот во кој работат, нарекувајќи ги „сороспии”, „курири” и „провладини” поради текстовите во врска со измените на Законот за финансирање на политичките партии.
Небезбедната средина ја креира Владата вели новинарот Кадиу од Тирана, бидејќи неговото искуство покажало дека онаму каде што јавните органи треба да пружат заштита, всушност се првиот и најагресивниот фактор за предизвикување на омраза и насилство врз слободните медиуми.
-Нашата влада беше жестоко критикувана за агресивен пристап и тон кон новинарите, исто така и во однос на реториката користена од јавните службеници, нарекувајќи ги медиумите „kazan“(алб.) или канти за отпадоци, редовно заплашување и засрамување на новинарите пред јавноста, раскажува Кадиу.
Најмладата држава во Европа со години таложеше незадоволство предизвикано од корупција, невработеност, ниски плати, политички турбуленции па затоа беа големи очекувањата за стабилизирање на државата пролетва кога Косово ја доби новата Влада. Проблемите со слободата на изразување продолжија, а на критиката од јавноста беше одговорено со лоши квалификации. Новинарката Ерјоне Попова која работи за „Еуроњуз” во Косово стравува дека следниот период на удар ќе бидaт нивната безбедност, но и транспарентноста.
- Со премиерот Албин Курти, косовските новинари немаат шанса да поставуваат прашања на прес-конференции од две причини: прво, тој не одржува прес-конференции (од март до сега има само 4-5), второ, кога ќе се појави, неговиот персонал не дозволува новинарите да поставуваат прашања надвор од темата. За 7 месеци како премиер, Курти имаше само една конференција. Истото е и со претседателката Вјоса Османи. Според мое мислење, ова е лош знак за новинарството и новинарот што индиректно влијае на нашата безбедност. Ако ги критикувате, тие ќе ве квалификуваат како „новинар на другиот режим“ (партии кои беа на власт порано), вели Попова.
Првите чекори до безбедно известување
После 30 години независност, за прв пат во Македонија се предложени законски измени кои треба да ја зајакнат безбедноста на новинарите и медиумските работници. Затворска казна од три месеци до три години е предвидена за секој кој ќе нападне новинар или медиумски работник кој ги извршува професионалните задачи. Владата ги усвои измените кои беа изработени во Министерството за правда на предлог на ССНМ со поддршка на ЗНМ.
– Во иднина нападот врз медиумските работници, ќе се третира исто како напад врз службено лице. Дополнително во ваков случај обвинителството ќе дејствува по службена должност, а не како досега со приватни тужби на новинарите, велат од Министерството за правда.
Освен во КЗ се планирани измени и во Законот за граѓанска одговорност, кои предвидуваат за пет пати да се намали надоместокот за штета која би ја плаќале новинарите во случај да го изгубат спорот. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.
Измени во Кривичниот законик бараат и останатите земји, на пример Синдикатот и неколку невладини во Црна Гора веќе имаат поднесено Иницијатива за измена на кривичниот закон и бараат да се воведат нови дела.
- Сметаме дека воведувањето на нови кривични дела во КЗ – Превенција на новинари при вршење професионални задачи и Напад врз новинари при извршување професионални задачи, односно дополнување на постојните кривични дела Тешко убиство и Тешка телесна повреда, може да придонесе за одвраќање на потенцијалните сторители на такви напади во иднина, вели Конатар од Синдикатот на новинари во Црна Гора.
Препораки од Европската Комисија за зајакнување на безбедноста и сигурноста на новинарите
Минатата година 900 новинари и медиумски работници од земјите од ЕУ, како и од земјите-кандидатки биле жртви на насилство за време на извршување на професионалните задачи. Овие сериозни бројки го активираа алармот на ЕК која испрати Препорака до сите земји-членки и укажа да не ги потценуваат заканите и предупредувањата дека новинарите се во ризик.
Иницијативата ги содржи следните барања :
– Истражување и гонење на сите криминални дела извршени против новинари без разлика дали се офлајн или онлајн
– Иницирајте соработка помеѓу органите за спроведување на законот, новинарите и здруженијата што ги претставуваат новинарите
– Поддршка за воспоставување независни механизми за брза реакција за да им се помогне на новинарите во неволја, како што се правен совет, психолошка поддршка, засолништа, итни линии за помош
– Обезбедете пристап до информации, прес -конференции и извори на информации
– Промовирање обуки за органите на прогонот, судиите, обвинителите
– Да се обезбеди социјална заштита од невработеност, болест, попреченост, пензија и професионални ризици, вклучително и за самовработени новинари.
Европската федерација на новинари ги поздрави овие препораки упатувајќи забелешки дека секоја од триесетте земји која ги добила насоките, треба да биде обврзана да ги имплементира, а ЕУ да воспостави механизам на евалуација кој ќе покаже дали државите успеале да ги заштитат новинарите.
Подготвил: Христина Беловска
Оваа анализа е подготвена во рамките на проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“, финансиран од страна на Сида и спроведуван од страна на БЦСДН. Содржината на оваа анализа и презентираните информации и ставови не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на Сида и БЦСДН. Одговорноста за информациите и ставовите изразени во овој документ е во целост на авторот / авторите.