Медиумите растргнати меѓу етиката и сензационализмот

2 ноември, 2020 година. Никој не ни помислува дека градот што повеќекратно е прогласуван како најдобар за живот во светот ќе биде цел на терористички напад. Но, во центарот на Виена се случи токму тоа. За кратко, социјалните мрежи беа преплавени со видео- снимки на кои беше прикажан маж кој со огнено оружје убива цивили. Видеата, кои на многумина им создаваа мачнина во стомакот, станаа вирални, без притоа да се помисли на семејствата на жртвите. Според некои, на тест беше ставено заедништвото.
- „Ова не е спор меѓу христијаните и муслиманите или меѓу Австријците и мигрантите. Ова е војна помеѓу многу луѓе кои веруваат во мир и оние малкумина кои сакаат војна“, изјави австрискиот премиер, Себастијан Курц.
Нападот во Виена, како и оние во Париз, Брисел, Лондон, Барселона, САД, Истанбул и во редица други локации низ светот по којзнае кој пат ја отворија дилемата за етиката при медиумското известување, особено за прашањата поврзани со насилниот екстремизам.
Информирање во ера на брзите вести
Медиумите и медиумските работници, како креатори на јавното мислење, во такви околности се исправени пред големи предизвици, да информираат за важни настани од јавен интерес, односно да известуваат за насилниот екстремизам, внимавајќи на етичките начела. Таквата улога и одговорност е круцијална зашто информираноста на граѓаните е предуслов за нивно активно учество во општествените процеси, а со тоа и нормално функционирање на демократските процеси.
Главниот уредник на весникот КОХА, Ведат Мемедалиу објаснува дека тие, при известувањето за настани кои се поврзуваат со насилство и екстремизам, се обидуваат да бидат урамнотежени и непристрасни, давајќи им простор на сите вклучени страни.
- „Простор секогаш им се дава на маргинализираните групи или на помалите етнички групи. Ние ги потврдуваме сите информации за да се избегне изобличување и генерализирање, истовремено гарантирајќи различни извори на информации. Весникот КОХА, особено за настаните на насилен екстремизам, отсекогаш избегнувал поттикнување омраза, насилство и конфликти. Особено внимание е посветено на терминологијата поврзана со насилниот екстремизам и тероризам, внимателно користејќи ги зборовите „екстремист“, „терорист“, па дури и „џихадист“. Нашите извештаи беа главно информативни, без дополнителни коментари од новинари, додека официјалните извори ги користевме од релевантните институции“, вели Мемедалиу.
Тешко е да се остане човечен во „нечовечен“ настан, вели професорката по етика Фросина Постолоска, која појаснува дека, понекогаш, етничката, религиозната, социјалната или моралната припадност на известувачот може да го отслика начинот на самото известување за некој терористички чин. Но, професионализмот во медиумите обединува многу други етички принципи, како што се објективноста, коректноста, пристојноста и одговорноста, па следејќи ја оваа работна етика, медиумите имаат можност среде злото, да се издигнат над него.
- „Известувањето на медиумите околу тероризмот или насилниот екстремизам е, можеби, најважното прашање со кое што треба да се позанимаваат новинарите или уредувачите на медиумската политика на конкретниот медиум. Ако се тргне од крајната цел на тероризмот, а тоа е секако заплашувањето и креирањето општ страв во заедницата, најчесто, заради влијаење на одредени политички процеси или политички агенди, тогаш медиумите, свесно или несвесно, можат да придонесат кон тоа тероризмот да има поголема ефикасност. Во тој случај медиумите се главните соработници со тероризмот и придонесуваат насилството да биде главна алатка, а медиумот се претвора во главен дистрибутер на стравот во домовите на обичните граѓани“, објаснува професорката по етика, Фросина Постолоска.
Етички принципи при известување за насилен екстремизам
Улогата на новинарите при известувањата за прашања поврзани со насилниот екстремизам е да обезбедат кредибилна, точна, навремена и сеопфатна информација, без притоа да ја изложат публиката на дополнителен стрес, ризик или закана. Етичките принципи наметнуваат известувањето да се заснова на етичките и човечките вредности, да се слушнат сите гласови, но да се избегнуваат содржини што може дополнително да ги разгорат страстите. Идејата за разумно известување засновано на факти, ослободено од изблик на емоции, не е само голема задача, тоа истовремено претставува и голема етичка акција.
Стереотипите се „замка“ за новинарите
Терористичките напади кои се случија изминативе години потврдија дека е невозможно да се направи генерален профил на оние кои ги извршуваат ваквите дела – некогаш се тие странски борци, другпат повратници од боишта, некои се радикализирале преку интернет, иако никогаш не ги напуштиле своите заедници. Мотивите се различни, како и самите идеи на кои тие се потпираат. Ова значи дека новинарите треба да бидат особено внимателни и да избегнуваат стереотипи кои можат да дополнително да ја искомплицираат и онака сложената ситуација, на што укажажува и универзитетскиот професор Никола Дујовски.
„Иако суштинските начела за етичко новинарство нудат цврста рамка за професионална покриеност со вести, за известувањето во врска со чувствителни теми, како што е насилниот екстремизам, потребно е да постои зголемена свест за законите што се однесуваат на приватноста и пресумпцијата на невиност“, вели деканот на Факултетот за безбедност, професор Никола Дујовски.
Вистинската мета е публиката
При секој терористички напад или друг вид насилен екстремизам, вистинската мета се гледачите, слушателите или читателите, односно јавноста, а не директните жртви. Целта на тероризмот секогаш е да се извести за него, да се предизвика страв и паника кај луѓето, а со тоа да се оствари влијание врз заедницата. Во таа смисла, медиумите многу лесно можат да се претворат во обична алатка за остварување на ваквата цел, особено ако се водени од трката за поголема публика или повеќе кликови на содржините. Доколку, пак, медиумските работници во такви случаи се вистински професионалци во известувањето, тие можат да се претворат во заштитник на граѓаните, но и во сојузник на безбедносните сили.
Ова најдобро се доловува со славната изјава на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер: „Публицитетот е кислород за тероризмот“.
Медиумските професионалци, како никогаш досега, се исправени пред предизвикот да ги одржат новинарската етика и рамнотежата, имајќи предвид дека целта на овие напади не се само директно засегнатите (загинатите и повредените), туку и милионите гледачи или читатели кај кои треба да се предизвика чувство на страв, вознемиреност, паника.
Главниот „трик“ е да се зачува достоинството на жртвата и на нејзиното семејство, да се информира јавноста, а новинарот да не стане пропагандна алатка. Но, вистинскиот проблем настанува при преносите во живо и директните вклучувања од терен, кои, од една страна, овозможуваат навремена и брза информација, но од друга страна придонесуваат за дополнителна драматизација на случувањата (настаните од 11 септември 2001 година и нападот врз Кулите близначки во Њујорк, при што имаше снимки од луѓе кои се фрлаа од прозорците на облакодерите или при нападот на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, кога беше прикажано видео од убиството на полицаец).
Професионалните новинари мораат да се придржуваат до етичкиот кодекс, детално да ги проверат изворите и информациите, да ги отфрлат гласините и говорот на омраза, да внимаваат да не ја загрозат безбедноста на граѓаните и на полицијата, известувањето мора да е објективно, сеопфатно и непристрасно, без притоа да се поттикнуваат предрасуди, а наместо поделби да се промовира заедништво.
Новинарите и медиумските куќи мора да бидат коректори во општеството и најголеми критичари кон идеологии кои негираат постоење на право на избор и право на слободно изразување. Секако, во духот на отфрлање на омразата и прекин во продлабочувањето на стереотипизацијата. На тој начин, новинарот, некогаш и повеќе и подобро од политичарот, помага во создавањето достоинството и почитувањето на другите. Тоа е и негова ‘клетва’ и негов благослов.
Автори на сторијата: Мартин Пушевски, Даниел Шикоски , Зенел Мифтари , Ивана Атанасоска
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија