ЛОКАЛНИТЕ СОВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО БОРБА ПРОТИВ НАСИЛЕН ЕКСТРЕМИЗАМ И ТЕРОРИЗАМ

Во повеќето градови од државата функционираат локалните совети за превенција. Нивната улога е исклучително важна за спречување на тероризмот и на насилниот екстремизам, а особено во мултиетнички и мулти-религиски средини, какво што е Куманово. Таму веќе дванаесет години функционира Локалниот совет за превенција, во кој покрај претставници од различни институции членуваат и претставници на верски заедници. Членовите на локалниот совет за превенција појаснуваат дека локалната заедница, луѓето од маалото, од непосредното соседство можат лесно да забележат промени кај одредена личност, начин на облекување, менување на навики, нагло подобрена финансиска состојба, повлеченост, менување друштво. Сето тоа покажува дека нешто се случува со поединецот и овие податоци не треба да се кријат, ниту од семејството, ниту од институциите.
– Улогата на верските лица е голема. Тие имаат значително влијание кај верниците, бидејќи се почитувани и можат да ја искористат нивната положба и позитивно да влијаат преку разговор со граѓаните. Ниту една вера не промовира насилство, напротив промовираат мир, толеранција и соживот. Генерално, досега добро функционира Локалниот совет за превенција во Куманово, меѓутоа сега со поинакви активности поради пандемијата, велат надлежните од Советот.
Низ годините, со превентивните активности кои ги реализира Советот со средношколци и ученици во основното училиште позитивно се влијае на намалување на инцидентите поврзани со спортски натпревари. Ако во минатото честопати се случувало да има насилство помеѓу ривалски навивачки групи, сега бројките се значително намалени.
– Во Куманово, во минатата година, во рамки на Локалниот совет за превенција формирана е тематска работна група за превенција и спречување насилен екстремизам, односно Акциски тим во заедницата, составен од 12 членови од различни служби на институции од образование, граѓански и верски организации, а по потреба во тимот се вклучуваат и други членови, кои функционираат постојано и преземаат мерки за едукација и препознавање на рани знаци на радикализација и насилен екстремизам, објаснуваат од МВР.
Тимот досега одржал повеќе обуки и бројни активности со млади поврзани со насилен екстремизам во спортот, понатаму активности за влијанието на жените во безбедноста на семејството и препознавање на насилен екстремизам кај децата. Освен тоа, се одржувале и онлајн курсеви за влијание на пандемијата за екстремно однесување и насилство во мултиетничка средина. Во превентивните активности одржани се и обуки со социјални, здравствени и спортски работници.
– Отсекот за превенција на СВР Куманово, во своето работење ги опфаќа и верските заедници, кои преку заеднички средби и споделувања на информации за безбедноста, истите ги упатуваат на верниците за време на литургиите и молитвите-велат од локалниот совет за превенција.
И во општина Штип од 2008 година, како и во повеќето поголеми центри, функционира Локален совет за превенција. На подрачјето на оваа општина не се евидентирани случаи на насилен екстремизам соопштија од МВР.
– Локалниот совет за превенција има тематски работни групи и, во зависност од проблемите, покрај постојаните членови, на состаноците присуствуваат и други членови, во зависност од дневниот ред на состанокот и прашањата кои ќе бидат предмет на дискусија, односно доколку има потреба ќе бидат повикани и претставници на религиозни заедници. Во рамки на локалниот совет за превенција, формирана е тематска работна група за превенција и спречување насилен екстремизам-велат од МВР.
Професор д-р Раде Рајковчевски од Факултетот за безбедност ја нагласува важноста на верските заедници во општеството, кои преку своите лидери треба да испраќаат пораки за толеранција и одмереност. Добрите и јасни пораки на верските лидери кои содржат умереност во тоа што го пропагираат или проповедаат, без говор на омраза, се сосема доволно за да не се создаваат радикализација и дополнителни поделби во поделеното општество, смета Рајковчевски.
–Од досегашното искуство забележуваме дека одредени турбуленции во дел од верските заедници завршија со намалување на авторитетот на нивните лидери, создавање фракции во раководењето со верските заедници и губење контрола врз одредени верски објекти. Оттука произлегуваат прашањата: Колку претставниците на верските заедници се отворени кон јавноста и институциите за заедничка соработка во превенцијата на насилниот екстремизам во микроцелините? Колку претставниците на верските заедници се имуни на политизацијата? Политизацијата може да биде една од клучните пречки за доследна примена на мерките за превенција на радикализацијата и насилниот екстремизам, земајќи го предвид социо-политичкиот контекст на односите помеѓу претставниците на верските заедници и државата и секуларистичкиот пристап во дефинирањето на државата-вели Рајковчевски.
Важно е индивидуалното чувство на одговорност на верските лидери, додава професорот кој нагласува дека секое мешање на државата во политиката на менаџментот на верските заедници ќе претставува упад во нивната работа, заради секуларноста.- Сепак, сметам дека треба да се наметнат силни механизми за одговорност на верските лидери, не помалку ригорозни од тие што веќе се пропишани во законите. Ситуациите во кои лидер на верска заедница јавно дава изјави со значајна доза на говор на омраза не треба воопшто да бидат толерирани од институциите на државата и треба да подлежат најмалку на иста кривична одговорност и санкција како и за секој граѓанин кој ќе го стори истото дело. Изјавите на кој било лидер на верска заедница може да поларизираат голем број негови следбеници и да станат јадрото на насилниот екстремизам-појаснува Рајковчевски.
И улогата на локалните совети за превенција е значајна, но суштински овие совети немаат буџет, а во дел од општините функционираат само на хартија, покажува годинешново истражување на невладината „Нексус“. Извршната директорка на НЕКСУС, Афродита Муслиу вели дека улогата и ефикасноста на локалните совети за превенција треба да се зајакне, а особено нивната видливост и ажурност која треба да придонесе до превенирање на ситуации и спречување на радикализацијата.
Последниот обид годинава беше во септември, кога беа пронајдени оружје и панцири, кои, како што беше објавено се подготвувала акција за напади на витални објекти. Лицата кои беа спречени и уапсени, кои го поседувале оружјето, се лица борци-повратници, т.е. лица кои биле пресретнати на пат кон Сирија и вратени назад, кои одлежале казна затвор од три и пол години во затвор во Куманово и по излегувањето во јуни 2019, по една година повторно се уапсени и притворени-вели Муслиу. Граѓанскиот сектор не може и не треба да се занимава со превенција на терористички активности, затоа што тоа е работа на безбедносните служби и институциите.
– ИВЗ, локалните совети за превенција, училишниот кадар, семејството, се клучните места каде што може да се превенира радикализација која може да води до насилен екстремизам. Потребно е системски и во овој делокруг да се детектираат првите знаци на радикализација и навреме да се реагира. За мене тероризмот е акт кој се сузбива со репресија, пред да настане делото. Но, ние потфрливме најмногу во креирање на алатки за превенција од насилен екстремизам. Тука спаѓаат програмите за градење на отпорност кај младите и заедницата воопшто, со цел да се превенира и реагира навреме. НЕКСУС веќе работи на тоа, но потребно е да се вклучат повеќе актери и институции и да се развијат програми и во рамки на локалните совети за превенција – додава Муслиу.
Во овие процеси се потврдува дека е значајна улогата на локалните совети за превенција, мора да ја сфатат нивната значајна улога како механизам за решавање на појавите кои водат до насилен екстремизам и тероризам низ континуирана работа, а особено со младите лица.
Автори на сторијата: Александра Максимовска, Весна Скендерска, Лилјана Пецова, Валерија Соколова Стојановска.
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија