КОВИД 19 и тероризмот. Има ли поврзаност?

Пандемијата на ковид – 19 донесе значителна закана за безбедноста, здравјето и благосостојбата на општествата и заедниците ширум светот. Според Институтот за обуки и истражувања на Обединетите Нации, во периодот на пандемијата со ковид-19, насилните екстремисти и терористичките групи користат јавни простори за привлекување нови следбеници и регрутирање на активни членови. Поради ограничувањето на јавните собири, патувања и движења, може да се очекува намалување на активностите за регрутирање, како и значително зголемување на активностите на интернет, особено на социјалните мрежи.
Во Северна Македонија, за време на пандемијата, е разбиена тричлена терористичка група која планирала напади во државата, пронајдено е оружје и експлозивни појаси за бомбаши – самоубијци, а регистриран е и сајбер криминал. Надлежните велат дека, од досегашните искуства, нема поврзаност на ковид – 19 со можноста за тероризам и насилен екстремизам.
Професорот Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување, вели дека нема никаква поврзаност на ковид 19 со можноста за тероризам. Единствената закана, според Пивоваров, се илегалните преминувања на мигрантите, кои не можат да се контролираат кога влегуваат и излегуваат, при што не се почитуваат мерките за заштита од ковид 19 – и, генерално, не носат маски и заштитни средства.
,,За време на пандемијата и кризната состојба имаме донесено внатрешен протокол, кој предвидува различни мерки за подобра заштита на нашите гранични служби”- вели Пивоваров.
Во Куманово, за време на пандемијата, е разбиена тричлена терористичка група која дејствувала на територијата на државата. Во акцијата која ја спроведе МВР на 1 септември, годинава, приведени се тројцата членови на групата и е запленето поголемо количество оружје, муниција и опрема. Според соопштението на полицијата, уапсените се лица кои претходно сториле кривично дело „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ и биле правосилно осудени и издржувале казна затвор.
„На почетокот на 2019 година, А.Б.(28) од Куманово создал терористичка, злосторничка организација во која членуваат В.А.(22) , Е.Љ. (25) и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „Ќелија“, со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, чија намера била изведување терористички акт на цели на територијата на Република Северна Македонија. За остварување на таа намера, членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја складирале во близина на локалниот пат село Биљановце – село Пчиња, кај месноста Менкова Колиба“, информираат од МВР.
Дека планирале да извршат терористички дејствија говори и количината на запленетото оружје, меѓу кои пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40 мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС) и останати реквизити дел испишани со арапски букви. При апсење на осомничените се пронајдени и два појаси со експлозив, метални кугли монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите и останати предмети од кои јавноста може лесно да претпостави какви биле нивните намери.
Организаторот и лидер на терористичката група е 28-годишен повратник, кој минататa година издржал казна затвор од 3 години по пресуда за учество во странски војски, бидејќи до 2016 година се борел во редовите на ИСИС во Сирија. И останатите двајца издржувале казна затвор во траење од по 3 години за истото дело.
Веднаш по оваа акција, во општина Куманово, беше одржана работнa средба на членовите на Акцискиот тим во заедницата за превенција и спречување на насилен екстремизам со националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам Борче Петревски, каде што било договорено да има поголема координација помеѓу органите на локално и централно ниво.
Според последните истражувања на граѓанската организација ,,Хоризонт”, која работи на реинтегрирање на повратниците и нивните семејства, преку поврзување со институциите на системот, од Македонија на боиштата досега заминале 150 луѓе, а се вратиле околу 80 лица. Загинале 38, а околу 30 лица, заедно со семејствата, останале таму. Назад во државата се вратиле околу 80 лица. Земјава ги прифаќа повратниците од боиштата, а овде тие кривично одговараат за тоа. Учеството, регрутирањето или финансирањето паравоени војски е кривично дело за кое се оди в затвор. Дванаесет повратници во моментов издржуваат казна низ македонските затвори.
Што се однесува до сајбер криминалот во периодот на пандемијата, зголемување се забележува кај „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, казниво по чл.251 од Кривичниот законик, со 48 дела во периодот март-ноември 2020 година, за разлика од истиот период лани кога биле евидентирани 40 дела, како и кај „загрозување на сигурноста“, превидено и казниво чл.144 ст.4, за кое во деветте споменати месеци годинава годинава се евидентирани 19 дела извршени од страна на 16 сторители, додека во периодот март – ноември 2019 имало 13 регистрирани кривични дела од 10 сторители.
Република Северна Македонија, преку МВР, се вклучи во годишната кампања за подигнување на свеста за измами при купопродажба на интернет, под покровителство на Акцијата за е-трговија за 2020 година (eComm 2020) предводена од Европол и австриската Служба за криминалистчко разузнавање (Bundeskriminalamt), насловена како #SellSafe (продавај безбедно) и #BuySafePaySafe. Кампањата, во која учествуваат 16 земји, имаше за цел подигнување на свесноста за измами при купопродажба на интернет и претставува заедничко јавно-приватно партнерство на органите надлежни за спроведување на законот, трговските субјекти и финансискиот сектор за справување со организирани криминални групи кои вршат лажни купопродажби на интернет.
Во периодот 2016-2019 година, уапсени се 300 професионални измамници, кои извршиле повеќе од 30.000 потврдени лажни трансакции, а предизвикана е штета која надминува 50 милиони евра. Пандемијата натера уште повеќе купувачи да го користат интернетот за купување. Но, тоа доведе и до можноста од позачестени измами, бидејќи криминалците имаат уште повеќе можности да украдат и од потрошувачите и од трговците. Само за илустрација, во периодот пред оваа кампања, неколку земји спроведоа оперативни акции кои само во октомври резултираа со апсење на 22 е-измамници.
Последните години се чини корисниците на социјалните мрежи се најранливи. Бојан Кордалов – специјалист за односи со јавност и нови медиуми вели дека самите треба да се заштитиме .
„Првата и клучна работа е личната свест и одговорност. Никој не може подобро да не заштити отколку што можеме самите ние. Затоа е важно да се информираме за условите под кои „склучуваме догоговор“ со социјалните мрежи и другите дигитални платформи: што е она што го добиваме како услуга, но и кои податоци и под кои услови ги даваме на користење. Втората работа се институциите кои мора да бидат прилагодени на новото време и предизвиците што ги носи дигитализацијата. Впрочем, ако голем дел од животот и работата ни се пресели онлајн, тоа значи дека и криминалот е присутен онлајн. Затоа е многу важно тие да се заштитат себеси и своите мрежи, а со тоа и податоците кои електронски ги добиваат од граѓаните и е потребно да ги чуваат во согласност со сите препораки и мерки. Трета работа е меѓународната соработка на овој план, како и реформа во образованието, кое треба да биде приспособено на идното време кое ќе биде уште подигитално од сега, а тоа подрзабира децата од најмали нозе да стекнат дигитални вештини што ќе им оневозможи да станат лесна мета на сајбер криминалот во секоја форма“, потенцира Бојан Кордалов – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Кордалов додава дека има уште многу аспекти, како што е подигнувањето на јавната свест преку масовните медиуми, приспособувањето на бизнис секторот за безбедна онлајн работа и слично. Поконкретно, ако секој ја преземе својата улога и одговорност, предизвиците поврзани со сајбер безбедноста ќе бидат многу помали и полесни за справување.
Експертите велат дека првото нешто во коешто треба да вложиме е сајбер заштитата на податоците кои се наоѓаат во нашите мобилни телефони, преку легални софтвери кои месечно чинат колку едно кафе во локално кафуле.
„Сајбер безбедноста е недостаток и во малите и средни претпријатија. Истите често не се во состојба да ги дефинираат нивните потреби за сајбер безбедност, а исто така во голем број случаи немаат ниту доволно ресурси и знаења кои се неопходни за надминување на евидентираните проблеми во оваа област. Да сублимирам: едукација, едукација, едукација. Наместо страв, запознавање и прифаќање на технологијата, а потоа и нејзина правилна примена. Впрочем, ако не прочитаме упатство и на нов ТВ – приемник кога ќе го купиме можеме лесно да го расипеме или, во најмала рака, да не искористиме ни половина од напредните опции кои ни ги нуди“, додава Кордалов.
Корона кризата, покрај сите негативности, донесе и нешто многу важно. А, тоа е потребата од прифаќање на технологијата и дигитализацијата, како процес кој е позитивен. Тоа подразбира: Ако направиме технологијата и социјалните мрежи да ни служат нам, а не ние да им робуваме, тогаш сме на вистинскиот пат и сме дигитално описменети. Во спротивно, ние сме дигитално зависни.
Автори на сторијата: Сузана Праниќ Талевска, Јовица Пауноски, Аријан Сејдини и Сузана Андоновиќ
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија