Ин мемориам: Почина колегата Драган Б. Костиќ

Почина Драган Б. Костиќ, еден од најпрепознатливите македонски радионовинари и медиумски автори, чие име повеќе од пет децении беше поврзано со развојот на радиото и музичката новинарска сцена во Македонија.
Колегата Костиќ најголемиот дел од својата професионална кариера го помина во Македонското радио, каде што остави длабока трага како автор и водител на бројни емисии. Култната емисија „Диско селектор“ кој почна да се емитува во 1974 година, беше негов радио потпис и со децении претставуваше значаен простор за музичка едукација и информирање на публиката. Во 1991 година, започна и емисијата „Заборави ако можеш“, која исто така стекна голема слушаност и препознатливост.
Во текот на својата кариера, Драган Б. Костиќ реализираше многу радио-емисии и беше автор на повеќе значајни радио-проекти. По повеќе од 50 години активна работа во медиумите, Костиќ ја одбележа својата јубилејна кариера со настанот „Последниот танц“, симболично заокружувајќи еден исклучително богат и влијателен професионален пат.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сочувство до семејството, колегите и сите кои со години ја следеа неговата работа. Придонесот на Драган Б. Костиќ останува значаен дел од историјата на македонското радио и новинарство.
