Иницијатива за Фонд за медиумски плурализам и унапредување на законската рамка – ЗНМ и ЕФН на средба со Гаши

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претседателот Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски, заедно со генералниот секретар на Европската Федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, остварија средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
На средбата се разговараше за актуелните состојби со медиумскиот простор во земјава и за важноста од понатамошно унапредување на слободата на медиумите и независноста на новинарите. Гутиерес ги истакна потребите на дополнително унапредување на медиумската законска рамка во согласност со европските критериуми.

Исто така, претставниците на ЗНМ ја нагласија потребата од професионален пристап при изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), процес кој е во тек како и потребата во ова важно тело да има претставник на новинарската заедница. Тие апелираа при селекцијата да се имаат предвид критериумите за професионалност и независност на кандидатите.
Беше посочена и важноста од „меката“ регулација на онлајн медиумите, со цел заштита на новинарските стандарди и транспарентност во сопственичката структура. Дополнително, претседателот Гаши беше информиран за иницијативата на ЗНМ за формирање Фонд за медиумски плурализам за поддршка на новинарски продукти, процес кој ќе овозможи поквалитетна медиумска содржина од јавен интерес.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги потврди своите заложби за транспарентност и отвореност на законодавната власт кон медиумите и јавноста, со цел воспоставување подобра комуникација меѓу институциите и граѓаните.
Оваа средба претставува значаен чекор кон унапредување на медиумските слободи и зајакнување на демократските стандарди во Република Северна Македонија.
Фото: Собрание на РСМ
