Иницијатива за соработка со Комората за приватно обезбедување на тема- поголема безбедност на медиумските работници

Споделување на претходни искуства од терен помеѓу медиумските работници и вработени во приватните агенции за обезбедување, можности за подобрување на соработката и зголемување на меѓусебното разбирање, надградување на стратешките планови на двете организации, потпишување на заеднички меморандум за соработка, беа дел од темите на кои се разговараше на средбата помеѓу Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија.
Од страна на претседателката на Комората беше поздравена иницијативата на ЗНМ за средбата, а воедно беа истакнати и потребите и предизвиците со кои се соочуваат агенциите за обезбедување при вршење на својата работа каде се вклучени медиумите, како и нивната подготвеност и отвореност за соработка и унапредување на комуникацијата со новинарите и медиумските работници.
Претставниците на ЗНМ споделија искуства кога имало незадоволство од страна на членовите на ЗНМ при работа на терен и директни средби со вработени во агенциите за обезбедување и укажаа на потребата двете страни да најдат заедничка точка на разбирање која ќе помогне да се олесни процесот на идна соработка. Покрај гореспоменатите теми, се разговараше и за идните активности како реализација на заеднички обуки и кампањи кои би ја кренале свеста за важноста од работата на двете страни и би придонеле за реализација на крајната цел, а тоа е унапредување на меѓусебната комуникација.
На крајот беше договорено да се организира работна средба во поширок круг со претставници на менаџментот на поголемите агенции за приватно обезбедување и претставници на ЗНМ на која би се разговарало за конкретни мерки во насока на подобрување на соработката помеѓу медиумскиот сектор и секторот за приватно обезбедување, со цел непречена работа на медиумските работници.
Од Комората, присутни беа Верица Милеска Стефановска, претседателка и Сања Керметчиева, генерална секретарка, додека од ЗНМ беа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Драган Секуловски директор на ЗНМ, Билјана Настеска – Каланоска, офицер за комуникации, Ристо Мишев, координатор на Секција на сниматели и Аслан Вишко член на Управен одбор при ЗНМ.