Иницијатива за нов етички кодекс

Препознавајќи ја потребата од донесување на нов етички кодекс Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) започнаа реализација на проект насловен „Јакнење на новинарските стандарди – дигитални напредоци и влијание врз медиумската средина“ со поддршка на УСАИД и ИРЕКС.
Во рамките на проектот кој ќе се спроведува во две фази, предвидени се повеќе активности, меѓу кои се: формирање на работна група со претставници на засегнатите страни, темелна ревизија за актуелните практики за етика во домашното новинарство, работилници и средби со новинари и претставници на медиумите, компаративна анализа и изработка на нов етички кодекс, техничка и експертска поддршка за телата за саморегулација при ЗНМ и СЕММ.
Крајната цел на проектот е да се вклучат новинари, медиуми кои сакаат да дадат придонес во подобрување на етичките стандарди. Во рамките на оваа иницијатива, ќе следат настани во кои ќе бидат вклучени новинари уредници, и сопственици на медиуми, а со цел да се развие нов етички кодекс кој ќе ги замени постоечките стандарди од 2001 година, овозможувајќи подобра усогласеност со современите предизвици и практики. Медиумската заедница треба да се стреми овој нов кодекс да биде широко поддржан, со што ќе се обезбеди негова ефективна примена и долгорочна одржливост.
Преку овој процес, медиумите во Македонија ќе добијат појасни и релевантни упатства за етичко известување, што ќе доведе до зајакнување на јавниот кредибилитет и довербата на пошироката јавност во медиумската индустрија.
Досега се реализирани повеќе активности меѓу кои и формирање на работната група составена од истакнати медиумски професионалци, која ќе има за задача да ги обезбеди стручни насоки и поддршка на партнерите во проектот.
