ЗНМ: Јавното понижување на млади новинари создава штетна средина за медиумските работници

Здружението на новинарите на Македонија реагира на јавната објава на социјалната мрежа Фејсбук од Бранко Тричковски, во која новинарот и водител Александар Видиновски е изложен на груби навреди, омаловажување и понижувачки квалификации.
Во објавата не се критикува конкретна професионална постапка, новинарска содржина или јавен настап преку факти и аргументи, туку се напаѓа личниот и професионалниот интегритет на медиумски работник со употреба на погрдни зборови. Ваквиот начин на комуникација е неодговорен, непродуктивен и штетен за јавниот простор.
ЗНМ потсетува дека конструктивна критика кон медиумите, новинарите и водителите е легитимна во демократско општество, но таа треба да биде заснована на аргументи, факти и професионални стандарди. Личните напади не придонесуваат за подобро новинарство, туку создаваат атмосфера во која медиумските работници се третираат како легитимна мета за потсмев, навреди и дискредитација.
Особено е штетно кога ваквата комуникација е насочена кон помлади новинари и медиумски работници бидејќи се поттикнуваат и други корисници на социјалните мрежи да го следат овој непримерен пристап. Наместо да се поттикнува професионален развој, јавна дебата и критичко мислење, ваквите објави создаваат притисок, демотивација и чувство дека нивната работа може да биде омаловажена без основа и без одговорност.
Јавните личности, коментаторите и сите учесници во јавната дебата имаат одговорност да не поттикнуваат непријателска средина кон новинарите. Несогласувањето со нечиј став, настап или професионален избор може да се изрази јасно и критички, но без лични навреди, понижувања и говор што го поткопува достоинството на медиумските работници.
Заштитата на професионалниот дигнитет и создавањето безбедна средина за работа на новинарите е јавен интерес и предуслов за здрава демократска дебата.
