ЗНМ со претставка кон МВР за попречување на работата на колешката Мисирлиевска

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе претставка до Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) за попречување на работата на новинарката Емилија Мисирлиевска. Претставката се однесува на непрофесионален однос од страна на полициски службеници во Битола.
Според пријавата на колешката Емилија Мисирлиевска, таа била присутна на јавен простор да известува за теми од јавен интерес, но не можела да ја изврши својата задача, бидејќи полициските претставници се однесувале крајно непрофесионално кон неа пред насобраните граѓани. Настанот се случил на 29.10.2021 околу 19:00 часот на улицата „Едвард Кардељ“ во Битола кога Мисирлиевска тргнала накај своето возило кое било паркирано во зона каде се случила сообраќајна несреќа. По консултација со полицијата, новинарката го преместила возилото на друго паркинг место надвор од обележаната област каде се уште траел увидот. Откако го извадила мобилниот телефон да фотографира, службено лице и пристапило и со висок тон ја прашал зошто снима. Откако се легитимирала и му ја дала личната карта и членската книшка од ЗНМ, и се заканил дека ќе добие пријава за неовластено фотографирање и ја евидентирал. Потоа и побарал сообраќајна дозвола, иако во тој момент била пешак. Кога побарала да се легитимира, полицискиот службеник одбил.
Од изјавата на новинарката е јасно дека двајцата полициски службеници се однесувале непрофесионално за време на вршење на своите работни обврски, ја попречувале новинарката во вршење својата работа.
Потсетуваме дека не постои правен акт кој што забранува снимање и фотографирање на јавно место, дека работата на полициските службеници е јавна, а сликањето или снимањето на полициските службеници при вршењето на своите должности генерално не е забрането. И покрај тоа што новинарката не ги сликала полициските службеници, таа била спречена со фотографии и новинарски текст да документира сообраќајна незгода во која немало жртви, а со тоа да помогне во едукацијата на граѓаните во однос на безбедното учество во сообраќајот.
ЗНМ смета дека со оваа постапка полициските службеници го прекршиле правото на новинарката да известува од јавен простор за теми кои се од јавен интерес, а при тоа не се однесувале професионално.
ЗНМ бара од Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) да постапи по претставката во најскоро време.