ЗНМ реагира на повторувачките он лајн закани кон новинарот Александар Видиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) испрати допис до Министерството за внатрешни работи (МВР), изразувајќи загриженост поради повторувачките закани и притисоци кон новинарот и уредник на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски. Најновите реакции на социјалните мрежи, проследени со закани, лични дисквалификации и омаловажувачки квалификации, се дополнителен показател за трендот на јавни напади кон новинарот.
ЗНМ оценува дека повторувањето на ваквите појави создава непријателска атмосфера кон новинарите и може да поттикне дополнителни негативни реакции, вклучително и содржини со елементи на говор на омраза. Критиката на новинарската работа е легитимен дел од јавната дебата, но личните навреди и обидите за дискредитација не смеат да станат прифатлива практика во јавната комуникација.
Во дописот до МВР упатен до контакт точката одговорна за пријави од ваков карактер, ЗНМ бара надлежните институции да посветат соодветно внимание на приложените содржини, имајќи ја предвид повторливоста на нападите кон Видиновски.
ЗНМ потсетува дека заштитата на новинарите и условите за непречено вршење на нивната професионална работа се предуслов за слободно и независно информирање.
