ЗНМ: Работна средба помеѓу снимателите, новинарите и медиумските работници

Претставниците од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со секцијата на сниматели при ЗНМ со вклученост на над 30 учесници реализираше работна средба со сниматели, новинари и медиумски работници во Скопје.
На средбата свои обраќања имаа Претседателот на ЗНМ, Чадиковски кој истакна дека: ,,Активното работење на секцијата на сниматели е од големо значење бидејќи само низ ваков тип на контакти вклучувајќи ги и колегите новинари и заедничкото вмрежување може навремено да се дознаат и проблемите со кои тие се соочуваат но и навремено да се реагира. Со ваквите меѓусебни консултации и средби ќе придонесеме кон создавање погодна околина за значајно учество на медиумските работници како влијателни актери во општеството” потенцираше Чадиковски.

Претставникот на секцијата на сниматели при ЗНМ Трајче Илиевски го сподели своето задоволство од досегашната работа на секцијата и упати и апел дека: ,,Само солидарно и координирано со јасно утврдени цели може и да се надминат предизвиците и да се направат одредени поместувања кои ќе бидат во полза на колегите сниматели и новинари во иднина” потенцираше Илиевски.
Оваа средба беше организирана за да се споделат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа колегите сниматели и новинари како и за вмрежување со цел утврдување на активности кои може да се корисни за подобрување на состојбата и условите во кои работат снимателите, новинарите и медиумските работници.

Меѓу другото на средбата беше презентирано и за зголемениот број на напади на новинарки и медиумски работнички и закани кои тие ги добивале особено онлајн за што ЗНМ презеде низа активности и ги алармираше регионалните институции. Ваквите информации и состојби ќе послужат во иднина за изготвување на Протокол за безбедност на новинарките кој ќе биде изготвен во соработка помеѓу ЗНМ и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Средбата се одржа на 18.03.2022 година во просториите на Младинскиот Културен Центар МКЦ во Скопје.