ЗНМ публикација ,,Безбедност на новинарите и медиумските работници – реалност или континуирана закана”

Здружението на новинарите на Македонија ЗНМ, во соработка со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ССНМ објави публикација насловена ,,Безбедност на новинарите и медиумските работници – реалност или континуирана закана”.
Публикацијата е поделена во седум дела каде авторите врз основа на анализата пишуваат за последиците од нападите и притисоците врз нив и медиумските работници, дали медиумите ја обработуваат темата длабински, односно дали јавноста е доволно запознаена за ваквите случаи, анализа на неколку судски случаи и пресуди како и заклучоци и препораки.
Безбедноста на новинарите и медиумските работници е предуслов за професионалното вршење на новинарските обврски и за објективното и навремено информирање на граѓаните. Притисоците и заканите кон новинарите и медиумските работници се од различен вид, вклучувајќи физички, психолошки, економски итн. произлегуваат од широк спектар на актери, а тука би можеле да бидат различни центри на моќ, вклучувајќи политичари, бизнисмени, јавни личности, непријателски расположени соговорници, активисти на социјалните мрежи, интернет-тролови итн.
ЗНМ, во континуитет, реагира за предизвиците и проблемите во врска со овие прашања, а во соработка со домашни и меѓународни партнери работи на истражувања, компаративни анализи и подготвува публикации во интерес на јавноста, односно информирање на граѓаните за овие проблеми.
Автори на оваа публикација се д-р. Марина Тунева и адвокатот Лазар Сандев.
Публикацијата е објавена на македонски, англиски и албански јазик.
Оваа публикација е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – “Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.