ЗНМ: Претставка до Комората за приватно обезбедување за попречување на работата на медиумски екипи

За време на денешниот настан во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање кој се одржа во кругот на фабриката ОХИС во Скопје до ЗНМ стигна пријава за инцидент во кој снимателите во својата намера професионално да го покријат овој настан за кој претходно имале уредна покана биле попречени.
Станува збор за ограничување на нивното движење во кругот на фабриката од страна на лице вработено во приватната агенција за приватно обезбедување НИКОБ со што се отежнал нивниот пристап до настанот.
По реакциите од страна на наши колеги сниматели и новинари за овој инцидент ЗНМ ќе достави претставка до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент за агенцијата за обезбедување НИКОБ.
Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на снимателите и новинарите кои известуваат бидејќи на тој начин се ускратува и правото на информирање на граѓаните.
Укажуваме дека одговорноста за вакви попречувања на работата на новинарските екипи не може да биде само на приватните агенции туку и на организаторот односно на Министерството за животна средина кое во иднина мора да овозможи услови за слободно работење на снимателите и новинарите.