ЗНМ: Политичките субјекти треба да се воздржат од јавно етикетирање и дискредитација на медиумите

Скопје, 13.12.2025 – По денешната конференција за медиуми на СДСМ, Здружението апелира политичките субјекти да се воздржат од јавно етикетирање и дискредитација на медиумите. Таквите настапи можат да влијаат ограничувачки врз слободата на изразување и да ја намалуваат довербата во јавноста, што оправдано буди грижа и е за осуда.
Во конкретниот случај, СДСМ, наместо јавно да ги рецензира медиумите, ќе беше посоодветно да ги искористи механизмите на саморегулаторните тела. Доколку постои сомнеж за неетичко или непрофесионално известување, на располагање стојат утврдени саморегулаторни механизми, како Советот за етика во медиумите и Советот на честа, преку кои може институционално и аргументирано да се проверат ваквите наводи.
Воедно, потсетуваме дека е важно да се негува медиумска средина во која уредувачката независност и плурализмот се почитуваат, без несоодветни партиско-политички влијанија или притисоци.
