ЗНМ поднесе барање до МВР за итно постапување по заканите кон новинарот Александар Видиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Министерството за внатрешни работи, во кое се бара итно, ефикасно и темелно постапување по заканите за физичко насилство упатени кон новинарот на телевизија Канал 5, Александар Видиновски.
Повод за барањето се сериозните закани објавени на социјалните мрежи во текот на изминатиот викенд, каде под видео-објава на градоначалникот на Град Скопје бил објавен коментар со директен повик на насилство кон новинарот. Според јавно достапните информации, случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи на 18 јули 2026 година.
Во своето барање, ЗНМ апелира МВР без одлагање да ги преземе сите неопходни мерки за идентификување на лицето кое ги упатило заканите, целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителот во согласност со законските одредби.
Потсетуваме дека согласно измените на Кривичниот законик, нападите и сериозните закани кон новинарите при вршење на нивната професионална должност претставуваат кривични дела, за кои надлежните институции се должни да постапуваат итно и со должно внимание. Заканите кон новинарите не се само напад врз поединец, туку претставуваат и директен напад врз слободата на медиумите, слободата на изразување и правото на јавноста да биде навремено и објективно информирана.
Здружението ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и очекува надлежните институции навремено да ја информираат јавноста за преземените активности, во рамките на законските можности.
