Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ЗНМ: ОЈО треба да ги гони лицата што ги изнеле записниците, а не оние што ги објавиле

ZNM
Wednesday 25 September, 2019Wednesday 25 September, 2019/ Wednesday 25 September, 2019

Начинот и леснотијата со кои Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за оддавање службена тајна во предистрага против  Александар Митовски од порталот „Infomax.mk” отвора сомнежи за нетранспарентност и селективност во постапката.

ОЈО со обвинителниот предлог го терети Митовски за оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик затоа што на 23 август, 2019 година на порталот „Infomax.mk“ е објавена првата страница од записникот за актуелниот случај „Рекет“.

Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите, туку личноста која имала пристап до службени тајни и истите ги изнела и ги дала на медиум. Дополнително, случајот на којшто се однесува протечениот документ е високо-профилен што уште повеќе треба да го зголеми притисокот врз Обвинителството да ги употреби сите ресурси и службена легална моќ за да открие како се случило протечувањето. Само на овој начин ќе има гаранција дека во иднина ќе се запазува тајноста на истрагите.

Доколку Обвинителството настојува на продолжување на обвинителниот акт ќе побараме од Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинителниот предлог со цел да се запре постапката. Ваквите судски прогони дополнително можат да создадат негативен ефект врз слободата на говорот и да поттикнат самоцензура, особено за предмети во кои се обвинети јавни личности за злоупотреба на должност и корупција.

Во исто време ги потсетуваме медиумите дека примената на највисоките професионални и етички стандарди се гаранција дека ние новинарите го штитиме јавниот интерес. Новинарите мора да се осигураат дека кога се работи со протечени документи кои имаат потенцијал да нанесат штети врз граѓаните и институциите ќе применат современи методи, меѓу кои: проверка на фактите, правни консултации, формирање на етички комисии од редот на новинарите кои треба да утврдат дали она што ќе го откријат изнесените информации е релевантно за јавниот интерес итн.

Советот за етика во медиумите (СЕММ) само минатата година против порталот „Infomax.mk” има донесено 3 одлуки за прекршување на професионалните и етичките стандарди и објавување дезинформации. Во таа насока, укажуваме доследно да се  почитува Новинарскиот кодекс со цел да се поттикне и оправда довербата на еснафот и пред се граѓаните.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwitterlinkedin
Ознаки: