ЗНМ оствари средба со вицепремиерката Грковска

Здружението на новинарите на Македонија минатата недела оствари средба со Славица Грковска заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжена за политики за добро владеење на која се разговараше за интензивирање на меѓусебната соработка, особено во делот на унапредување на транспарентноста на институциите.
Ова е особено важно ако се земе предвид фактот што новинарите и институциите за својата работа одговараат пред јавноста. Новинарите за да можат да ја вршат својата работа на професионален начин потребно е институциите да соработуваат со нив со цел да се добие брза и навремена информација која на крајот ќе биде презентирана на граѓаните.
Според информациите со кои располага Здружението на новинарите на Македонија, најголемиот проблем со кои колегите новинари се судруваат е недоволната транспарентност на локално ниво, но праксата е слична и кај поединечни институции кои се дел од централната власт.
Креирање на јавен регистар со опомени за функционери кои ги прекршиле етичкиот кодекс, пракса на редовни месечни брифинзи со новинари се конкретени активности кои можат да бидат корисни за работата на медиумите, истакна Драган Секуловски, директор на ЗНМ.
Меѓу другото, една од точките на кои се дискутираше е организација на јавен настан во септември на кој ќе има претставници од двете страни, на кој ќе се истакнат проблемите со нетранспарентноста на одредени општини и институции и би се разговарало за потенцијални подобрувања.