ЗНМ: Основниот Граѓански суд Скопје пресуди во корист на новинарката Мирослава Бурнс

Основниот граѓански суд Скопје како првостепен суд донесе пресуда во корист на новинарката Мирослава Бурнс по тужбата за навреда и клевета која таа ја поднесе потив Марјан Стаменковски како автор и одговорен уредник на интернет портал за објавен текст.
Пресудата следи по претходно доставената тужба до судот од страна на новинарката Бурнс заради објавен текст на интернет порталот на 18.05.2020 година. На 19.05.2020 тужителката до интернет порталот на тужениот доставила барање за јавно извинување и повлекување на текстот, по кое тужениот не постапил и продолжил да изнесува навреди и клевети кон тужителката.
Судот, повикувајќи се на членот 25 од Уставот на РСМ, кој вели дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, како и член 6 став 1 од Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета (ЗГОНК) пресуди дека објавениот текст од страна на тужениот сериозно е нарушена приватноста на личноста на тужителката, додека пак тужениот не ја докажал вистинитоста на тврдењата во објавениот текст.
Во пресудата е наведено дека тужениот бил должен да ја почитува приватноста на личноста на тужителката и да се воздржи од објавување на информации од нејзиниот приватен живот, спротивно на ова тужениот со објавениот текст имал за цел да ја навреди и јавно да ја понижи тужителката. Судот со оваа пресуда го задолжил тужениот Марјан Стаменковски да и плати на тужителката на име надомест на нематеријална штета заради повреда на честа и угледот за сторена навреда и клевета. Судот, исто така го задолжил тужениот, изреката од пресудата веднаш по нејзината правосилност, да ја објави на интернет порталот, како и на негов трошок да ја објави во еден дневен весник.