ЗНМ на денот на ОН: Борбата со дезинформации е глобален проблем кој не засега сите

Денот на Обединетите нации беше одбележан вчера во Скопје со наслов „Слобода, еднаквост и правда за сите“ . Активностите годинава беа фокусирани на човековите права, а се одбележа и 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.
За време на настанот беа одржани две панел дискусии, каде што дијалогот беше во насока за подобро справување со дискриминацијата, дезинформациите, лажни вести и говор на омраза меѓу претставниците на граѓанските организации, Собранието, Владата, институциите за човекови права, академската заедница, медиумските професионалци и ОН.
За време на вториот панел, на тема дезинформации, зборуваше Билјана Настеска – Каланоска од Здружението на новинарите на Македонија задржувајќи се на последиците од овој широко распространет феномен, како и искуства и препораки на ЗНМ во борбата со дезинформациите.
„Напорите за борба против дезинформациите вклучуваат проверка на факти, програми за медиумска писменост и развој на алгоритми за идентификување и ограничување на ширењето на неточните информации. Одговорност во процесот на барање и пренесување на информации од страна на нашите колеги новинари – рече Настеска -Каланоска.
Заклучокот беше дека како и до сега, така и во иднина, потребно е придржување во Кодексот за етика на новинарите кој е донесен во ноември 2001 година. Тоа значи да бидат вклучени веродостојни извори, сториите секогаш да имаат најмалку два извори, да се проверат изнесените факти, да се обезбеди исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, потребно е да се објави. Од голема важност е и јавноста која е краен консумент на информациите да знае да препознае дезинформација или тенденција за ширење на истата и да ја пријави во ЗНМ, односно да поднесе претставка до Советот на честа или пак до СЕММ.
Настанот, чиј главен фокус беа предизвиците од дезинформации, мисинформации и говор на омраза, особено во дигиталната област го отвори Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.