ЗНМ и УНДП: Обука за новинари за справување со загадување на воздухот

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот” одржа на дводневна обука за новинари на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“.
На почетокот на работилницата присутните ги поздрави извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски кој ги истакна предностите од дополнително познавање на оваа област која не засега сите:
„Известувањето за нивото на квалитетот на воздухот и изворите на загадување може да им помогне на поединците да донесат информирани одлуки за да го заштитат своето здравје. Загадувањето на воздухот не е само закана за здравјето на луѓето, туку има и значителни влијанија врз животната средина. Известувањето за овие влијанија, може да ги нагласи пошироките последици од загадувањето. На овој начин ќе се ангажираат повеќе локалните заедници во насока следењето и решавањето на проблемите со загадувањето во нивните области што пак ќе помогне за нови иницијативи, партнерства и напори за подобрување на квалитетот на воздухот предводени од заедницата“ -рече Секуловски.

За време на обуката учесниците имаа можност да ги подобрат своите знаења и вештини за теми поврзани со загадување на воздухот и улогата на новинарите во борбата за почист воздух, клучните термини и разбирање на процесот на анализа на загадување на воздухот, влијание на загаденоста на воздухот врз здравјето на луѓето и животната средина и улогата на новинарите во подигнување на јавната свест, новинарство засновано на анализа на податоци за загадување на воздухот, потребата од соработка со граѓанските организации и локалната власт, техники на истражувачко новинарство при известување за загадувањето на воздухот, како и важноста на мултимедијалниот пристап при раскажување приказни за загадувањето на воздухот.
Обуката ја реализираа искусни новинати со долгогодишно искуство во следење и покривање теми од областа на животната средина како и стручни лица од тимот на Универзитетот Гоце Делчев од Штип, каде што е сместена акредитираната лабораторија за мерење на квалитетот на воздухот.
Проф. Д-р Дејан Мираковски ги презентираше техниките и апарати теза мерење на загаденост во воздухот, а воедно сподели и препораки за справување со загадувањето.

Новинарката Катерина Топалова зборуваше на тема – Влијание на загаденоста на воздухот на здравјето на луѓето/животната средина и улогата на новинарите во подигнување на јавната свест, за важноста на истражувачкото новинарство при известување за прашања за животната средина и за пристапите при при раскажување приказни за загадувањето на воздухот.
Новинарот Александар Манасиев со учесниците разговараше за новинарството засновано на анализа на податоци за загадување на воздухот, на кој начин е најдобро ефикасно да се користи правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, а на крајот сподели алатки за мултимедијално раскажување на новинарски приказни.

Учесниците имаа можност да споделат и свои видувања и искуства на темите преку интерактивна дискусија.
Оваа работилница беше во организација на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
