ЗНМ и Секција на сниматели – актуелни предизвици и состојба на снимателите во медиумите

На иницијатива на Секцијата на сниматели при ЗНМ, вчера се одржа работна средба на тема „Тековни предизвици на снимателите во приватните медиуми“ .
Состанокот го отвори претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој ги поздрави присутните и ги отвори темите за дискусија. Веднаш по него се обрати директорот на ЗНМ, Драган Секуловски кој пак се осврна на активностите кои што беа реализирани изминатиот период, кои покрај новинарите ги засегаат и снимателите. Го истакна напредокот во однос на нивната безбедност при вршење на работата и ја нагласи потребата од одржување на средби од ваков карактер и подготвеноста на Здружението за поддршка.
Зоран Догов, координаторот на секцијата на сниматели во своето обраќање пред колегите зборуваше генерално за состојбата со која се соочуваат снимателите во приватните медиуми. Еден од проблемите е и зголемување на обемот на работа кој е обратно пропорционален со бројот на сниматели во медиумот. Уште еден проблем со кој се соочува снимателите е непостоењето на интерес од страна на младите да се занимаваат со тоа, што пак ја доведува во прашање иднината на снимателите како медиумска професија.

На средбата се обрати и Ведут Османи, координатор на секција на сниматели при ЗНМ од тетовскиот регион, кој покрај актуелните проблеми со кои се соочуваат снимателите, посебен акцент стави и на проблемите со кои се соочуваат снимателите дописници кои заради потребата од вршење на професионалните обврски дадени од медиумот, мораат да трошат сопствени финансиски средства. Истовремено, ја истакна и безобѕирноста во врска со работните часови кои многу често го надминуваат осум часовното време во текот на неделата и ангажманите за време на викендот, кои не се дополнително платени.
За време на дискусијата се истакна и суштинска потреба на подобрување на комуникацијата на снимателите и помладите новинари кои допрва ги прават чекорите во светот на медиумите, како и фактот што има подобрување во слободата на вршење на дејноста, слободата на изразување, третманот од страна на институциите за време на покривање на настан, но сепак се уште има потреба од поголеми системски промени на кои ЗНМ постојано работи.
На крајот, акцентот беше ставен на солидарноста помеѓу снимателите како основа за идните предизвици кои секцијата со поддршка на ЗНМ ќе ги надмине.
