ЗНМ и Секцијата на сниматели при ЗНМ – актуелни предизвици и можни решенија

На иницијатива на Секцијата на сниматели при ЗНМ, активот од МРТ, на 16-ти ноември, се одржа конструктивна средба на која се дискутираше за актуелните прашања и предизвици со кои се соочуваат снимателите на јавниот сервис.
Пред присутните свое обраќање имаше претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, кој ги поздрави присутните и го сподели своето задоволство од досегашната солидарна и успешна соработка со снимателите од МРТВ како и дека ЗНМ стои на располагање во насока на надминување на секојдневните предизвици.
На средбата свои обраќања имаа претставникот на управниот одбор на ЗНМ снимателот Трајче Илиевски, координаторот на секцијата на сниматели при ЗНМ Ристо Мишев како и снимателот од МРТВ Слаѓан Милошевски.
Покрај тековните активности на секцијата на сниматели при ЗНМ, теми на разговор беа и секојдневните предизвици со кои се соочуваат колегите сниматели од јавниот сервис, посебно при работа на терен. Побарувањата за квалитетни снимки и видео материјали се зголемени, а од друга како актуелен предизвик предизвикува застарената техничка опрема во јавниот сервис. Од страна на снимателите се понудени низа предлози кон раководството на јавниот сервис за унапредување на техниката во МРТВ. Исто така беше укажано дека при набавка на нова опрема потребно е да се консултираат и снимателите со цел истата да соодветствува со реалните потреби кои ги има јавниот сервис. „Ние никогаш не бегаме и нема да бегаме од работа, но сакаме унапредување на нашите услови за работа како и вреднување на нашата професија“, беше истакнато од страна говорниците.

Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски потенцираше дека ваков функционален пример на солидарно здружување во Секцијата на сниматели при ЗНМ е позитивна пракса која е преземена и од другите новинарски здруженија од Западен Балкан. Констатирано беше дека во наредниот период ќе се утврдат конкретните барања од страна на снимателите во јавниот сервис и ќе се достават до менаџментот на МРТВ.