ЗНМ и ОЈО: Поголема институционална заштита на медиумските работници

На денот кога се одбележува 2-ри ноември, Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, Основното јавно обвинителство во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) назначи нови три посебни јавни обвинители за тетовското, битолското и штипското апелационо подрачје.
По тој повод беше организиран настан каде пред повеќе од 30 новинари и медиумски работници беа претставени резултатите, впечатоците од досегашната соработка како и новите иницијативи кои се преземаат во насока на унапредување на заемната соработка помеѓу еснафските здруженија со обвинителството.

Темата на настанот беше „Нови контакт точки во основните јавни обвинителства за поголема заштита и ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите и медиумските работници“. Беше одржана панел дискусија на која учестуваа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, претседателот на ССНМ, Павле Беловски и Искра Хаџи Василева, јавна обвинителка назначена да го следи постапувањето во предметите поврзани со безбедност на новинарите во надлежност на ОЈО Скопје. Свој придонес во дискусијата дадоа и Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ и Билјана Арсовска портпаролот на Јавното обвинителство на РСМ.
Во своето обраќање претседателот на ЗНМ потсети на големиот број на нерешени случаи за напади врз новинари, за потребата од итно решавање на истите, посебно на случаите од 27-ми април: „Новинарите се соочуваат со низа предизвици, вклучувајќи физичко насилство, вознемирување, закани и правни дејствија, а сето тоа може да доведе до самоцензура и пад на истражувачкото новинарство. Денеска, се потсетуваме на неправдата сторена кон нас, заборавените и нерешни судски случаи, SLAPP тужбите кои се поприсутни. Сите нерешени напади кон новинарите на 27 април, прислушувањето на новинари, годината започна со јавно омаловажување и потценување на новинарите од страна на политичарите… Листата на нерешени случаи е голема, но нашите барања и очекувања се уште поголеми. Нашиот симбол на неказнивост е 27-ми април, да не дозволиме да се случи пак “ – рече Чадиковски.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски истакна дека „ 2-ри ноември е ден одредница кога се потсетуваме колку од нас се жртви на насилството. Целта на овој ден преку оваа дебата е одново да се осврнеме на контекстот зошто бројот на напади не само што стивнува туку насилството и кривичните дела кон нас се засилуваат. Но, сепак чест е да се биде на оваа маса каде што го имаме обвинителството како партнер, бидејќи пред шест години кога јас лично физички нападнат МВР во отсуство на измените во кривичниот закон со кој напад врз новинар се третира како напад врз службено лице, мојот напаѓач тогаш беше гонет за дела од прекршочната материја, односно нарушување на јавниот ред и мир. Па оттогаш не застана нашата борба за овие измени преку кои очекуваме да ја постигнеме целта. Наш императив е нулта напади врз новинари заради постењето на кривичната одговорност што ќе придонесе за искоренување на овој вид насилство и подигање на свеста во јавниот дискурс дека нападот врз новинарите не е напад врз личноста туку напад на демократијата и атак врз јавниот интерес“ потенцираше Беловски.
Обвинителката Искра Хаџи Василева се осврна на изминатата година и активностите кои ОЈО Скопје ги имаше во однос на темата: „Откако сум назначена како контакт лице за следење на предмети поврзани со безбедност на новинарите во надлежност на ОЈО Скопје, добро е што можеме да кажеме дека немаме многу предмети кога станува збор за статистиката. Но, знаеме дека статистиката и не треба да ја разбираме лесно без продлабочени методолошки анализи,во секој случај бројките, конкретно за нашата земја не се лоши годинава. Ме охрабрува фактот што имаме и нови колешки кои денеска официјално претставивме од кои обвинителства ни доаѓаат, а тоа се обвинителствата од Тетово, Битола и Штип. Ова преставува чекор напред во оваа борба и оваа заложба која обвинителството ја покажува кога станува збор за заштита на новинарите“ – кажа обвинителката.

Целта на настанот беше да се испрати гласна порака до јавноста дека нападите врз новинарите нема да се толерираат и жестоко ќе бидат осудени. Од друга страна, ќе биде испратена порака и до институциите да дејствуваат одговорно и да ги расчистуваат нападите врз новинарите во најбрз можен рок. Овој настан ќе биде добра можност и форум каде што новинарите и обвинителите ќе можат да разменат идеи и информации во насока на подобрување на соработката помеѓу овие професии.
Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите – 2-ри ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.