ЗНМ го осудува нападот врз новинарската екипа на ТВ Глоби и бара итна истрага од МВР

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува вербалниот напад, упатените закани и обидот за одземање на камерата на новинарот Блерим Мустафи од ТВ Глоби – Гостивар, додека извршувал професионални новинарски задачи при известување за настан од јавен интерес.
Според информациите доставени до ЗНМ, инцидентот се случил на 19 јули во Гостивар, кога лицето А.Л., вработен во ЈУ Гостиварски театар, вербално го нападнало новинарот, му упатило закани и се обидело да му ја одземе камерата. Случајот е пријавен во ОВР Гостивар, а како материјален доказ до надлежните органи е доставена и видео снимка од настанот.
ЗНМ потсетува дека секој напад, закана или притисок врз новинари претставува директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде навремено и објективно информирана.
Новинарите мора да можат непречено и безбедно да ја извршуваат својата професионална работа, без страв од заплашување или насилство.
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи веднаш да постапи по пријавата, целосно да ги утврди сите околности на случајот и да преземе соодветни законски мерки против одговорното лице.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи развојот на овој случај и ќе биде во редовна комуникација со Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди ефикасна истрага и соодветна кривично-правна разрешница, во согласност со законските одредби за заштита на новинарите.
