ЗНМ го одржа редовното неизборно Собрание и ги усвои годишните извештаи за 2025 година

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на 9 јули 2026 година во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје го одржа редовното неизборно Собрание, на кое членовите ги разгледаа и усвоија клучните документи поврзани со работата на Здружението во текот на 2025 година.
На Собранието, по обраќањето на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, беа усвоени записникот од претходното Собрание, измените и дополнувањата на Правилникот за Советот на честа на ЗНМ, наративниот и финансискиот извештај за работата на ЗНМ за 2025 година, како и Годишниот извештај на Советот на честа.

Во годишниот извештај беше истакнато дека 2025 година беше обележана со сериозни предизвици за медиумските слободи и безбедноста на новинарите, но и со значително проширување на услугите и поддршката што ЗНМ ги обезбедува за своите членови.
Во текот на 2025 година, ЗНМ обезбеди 87 бесплатни правни совети и застапувања за новинари и медиумски работници, а систематски беа следени 13 судски предмети поврзани со слободата на изразување и безбедноста на новинарите. Во рамки на мониторингот на состојбите, беа регистрирани пет потешки инциденти врз новинари и медиумски работници, како и повеќе од 25 помали случаи во кои ЗНМ реагираше пред надлежните институции или јавно укажуваше на прекршувања на правата и професионалните стандарди. Дополнително, околу десет новинари и медиумски работници добија психолошка поддршка преку услугите што ги обезбедува Здружението.
Во областа на едукацијата и професионалниот развој, преку Тренинг-академијата на ЗНМ (Т-АЈМ) и останатите активности во текот на 2025 година беа реализирани обуки и работилници со учество на повеќе од 147 новинари, медиумски работници и други релевантни чинители. Воедно, беше спроведена и јавна консултација за нов Етички кодекс на новинарите, кој треба да одговори на современите предизвици во новинарството поврзани со дигиталните платформи, дезинформациите и употребата на вештачката интелигенција.

Во 2025 година, ЗНМ продолжи да го вреднува квалитетното и професионално новинарство преку организирање на четири циклуси на награди за новинари и медиумски работници. Меѓу нив беа Годишните новинарски награди на ЗНМ во седум категории, Фоторепортерските награди по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, наградите во соработка со УНХЦР за професионално известување за бегалци и наградите во соработка со УНДП за најдобри новинарски стории поврзани со загадувањето на воздухот.
Членовите на Собранието ја потврдија заложбата ЗНМ и понатаму активно да работи на заштита на новинарите и медиумските работници, унапредување на медиумските слободи и професионалните стандарди, како и на создавање подобри услови за независно, одговорно и професионално новинарство во Северна Македонија.
Фото: Петр Стојановски
