ЗНМ бара итна и темелна истрага за инцидентот со возилото на Насер Селмани

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се обрати до Министерството за внатрешни работи по повод инцидентот што го пријави колегата Насер Селмани. Непознат сторител оштетил гума на неговото возило, паркирано во близина на неговиот дом во Скопје.
Случајот е веднаш пријавен од колегата Селмани во полициската станица Беко, каде што е изготвен и официјален записник. ЗНМ смета дека е од големо значење надлежните институции да спроведат итна и темелна истрага. Особено важно е навремено да се искористи можноста за прибирање на потенцијални видео-снимки, со што би се овозможило обезбедување на материјални докази и полесна идентификација на сторителот.
ЗНМ ја нагласува потребата случајот целосно да се расветли и да се пронајдат сторителите. На тој начин ќе се отстранат сомнежите и шпекулациите, но и ќе се зајакне довербата во институциите и кај новинарската заедница и пошироката јавност.
