• Почетна
  • За нас
    • За ЗНМ
    • Документи
      • Статут
      • Правилници
      • Извештаи
      • Стратешки план на ЗНМ
    • Историјат
    • Прес клипинг
      • Прес клипинг 2026
      • Прес клипинг 2025
      • Прес клипинг 2024
      • Прес клипинг 2023
      • Прес клипинг 2022
    • Галерија
    • Видеа
  • Публикации
  • Кодекс
  • Совет на чест
    • За советот на чест
    • Соопштенија од советот на честа
  • Проекти
    • Тековни проекти
    • Изминати проекти
  • Соопштенија
    • In Memoriam
  • Активности
  • Контакт
  • македонски јазик
    • English
    • Shqip
Контакт информации?
00389 (02) 3298-139
contact@znm.org.mk
Кошничка
Плати онлајн
Зачлени се!
Здружение на новинари на Македонија
    • Почетна
    • За нас
      • За ЗНМ
      • Документи
        • Статут
        • Правилници
        • Извештаи
        • Стратешки план на ЗНМ
      • Историјат
      • Прес клипинг
        • Прес клипинг 2026
        • Прес клипинг 2025
        • Прес клипинг 2024
        • Прес клипинг 2023
        • Прес клипинг 2022
      • Галерија
      • Видеа
    • Публикации
    • Кодекс
    • Совет на чест
      • За советот на чест
      • Соопштенија од советот на честа
    • Проекти
      • Тековни проекти
      • Изминати проекти
    • Соопштенија
      • In Memoriam
    • Активности
    • Контакт
    • македонски јазик
      • English
      • Shqip

    Активности

    • Почетна
    • Новости
    • Активности
    • ДВАТА ДРЖАВНИ ФОНДОВИ, ПИОМ И ФЗОМ, СЕ „ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ВРАТИ, НА КОИ НОВИНАРИТЕ ЧЕСТО ТРОПААТ: (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ ЗА НАВРЕМЕНО ИНФОРМИРАЊЕ И НОВИНАРСКО ИСТРАЖУВАЊЕ“

    ДВАТА ДРЖАВНИ ФОНДОВИ, ПИОМ И ФЗОМ, СЕ „ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ВРАТИ, НА КОИ НОВИНАРИТЕ ЧЕСТО ТРОПААТ: (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТ ЗА НАВРЕМЕНО ИНФОРМИРАЊЕ И НОВИНАРСКО ИСТРАЖУВАЊЕ“

    • Категории Активности
    • Датум септември 27, 2024

    СТОРИЈА 3

    Овој текст има за цел да ја прикаже потребата од висок степен на транспарентност на двата државни фондови: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), при што ПИОМ, на ниво на државата, е институција со најгломазен буџет. Новинарската пракса покажува дека не постои медиумска редакција што не се соочила со потребата да побара и да добие официјален став, коментар или информација од двата државни фондови. Од друга страна, во оваа анализа, преку конкретни новинарски авторски текстови ќе се дадат примери за отсуство на транспарентност во ситуации кога јавноста очекува одговори за суштински прашања поврзани со работата, но и со одговорноста за работата и менаџментот на двата фондови, прашања кои се од висок јавен интерес. 

    ФЗОМ и ПИОМ се опфатени поради нивната важност во вкупниот општествен амбиент од повеќе аспекти: економски, социјален, здравствен и демографски.

    – Економски фактор: вкупниот годишен буџет на овие два фондови изнесува повеќе од 2.700.000.000 евра (нови податоци ребаланс на буџет 2024), тие се база на целата популација, од новородени до починати лица.

    – Социјален фактор: преку двата фондови, граѓаните од различни категории ги остваруваат социјалните права за надомест од државата по различни основи, како и правото на пензија.

    – Здравствен фактор: остварување на правото за здравствена заштита, со опфат на целата популација, право на лекување во странство, пристап до терапија.

    – Демографски фактор: двата фонда претставуваат „бази“ на податоци на вкупното резидентно население по различни основи, вработени и невработени лица, малолетни и полнолетни граѓани, корисници на пензии, корисници на социјални надоместоци. Овие параметри можат да бидат основа за усвојување документи и стратегии на среден и на долг рок.

    Високиот степен на транспарентност на ПИОМ и на ФЗОМ е суштински за професионално и навремено новинарско информирање и истражување бидејќи се работи за информации поврзани со ранливи категории граѓани, како што се пациенти, пензионери и корисници на надоместоци по различни основи, но опфаќаат и голем корпус на вработени во секторите здравство и социјална работа.  Со цел да се прикаже состојбата со (не)транспарентноста, ќе се користат прецизни цитати од релевантни извори, како што се новинарски текстови, изјави на претставници на невладини организации, членови на комисии, на судски органи и на други работни тела. 

    Анализата ќе биде насочена кон три пунктови, кои ќе укажат на потребата од висок степен на транспарентност, односно отвореност кон јавноста.

    – Прецизирање на важноста на ПИОМ и на ФЗОМ во општеството, преку конкретни економски параметри: годишни буџети, односно трошења на фондовите и опфатот на категории граѓани што се таргетирани преку фондовите.

    – Приказ на конкретни новинарски авторски примери на отсуство на транспарентност во исклучително чувствителни ситуации за кои новинарите (јавноста) барале, но не добиле навремени одговори.

    – Резиме, заклучоци – како до поголема транспарентност на државните фондови.

    ПИОМ и ФЗОМ – зошто се важни двата државни фондови

    Фонд за пензиско и инвалидско осигурување

    Заклучно со април 2024 година, во РСМ биле регистрирани 337.054 корисници на пензија. Ова е најобемната категорија граѓани што зависи од ПИОМ. Вкупните расходи, односно трошења за годинава (буџет 2024 пред ребаланс) беа проектирани на 1.796.813.000 евра, а за исплата, само на пензии, беа предвидени 1.388.537.000 евра. Но, со ребалансот на буџетот 2024, прв со потпис на новата влада, годишниот буџет на ПИОМ се зголеми на повеќе од 1.900.200.000 евра. Од централниот буџет до ПИОМ, планиран е историски највисок износ на трансфер од 654.650.406 милиони евра. Според последните достапни информации, во мај 2024 година, во државата биле регистрирани 337.871 корисник на пензија.  Вкупните „социјални бенефиции“ што се исплаќаат преку ПИОМ достигнаа 1.890.000.000 евра.

    Од друга страна, ПИОМ е и „чувар“ на парите на вработените, односно на осигурениците. Според последните информации објавени на веб-страницата на ПИОМ (за 2022 година), во овој фонд биле евидентирани 572.327 осигуреници, а изворните приходи по основ на придонеси на плата изнесувале 893,4 милиони евра. Оптимистички, новата влада очекува дека приходите во фондовската каса ќе се зголемат, па така за годинава, со новите проекции, од наплата на придонеси за социјално осигурување се очекува, вкупните приходи на ПИОМ да достигнат 1.173.000.000 евра.

     Фонд за здравствено осигурување

    И Фондот за здравствено осигурување е финансиски зависен од централниот буџет. За годинава, според првично планираниот буџет 2024, трансферот е проектиран на 121.301.000 евра, износ кој е приближно ист и со новиот ребалансиран буџет. Според новите буџетски проекции, овој фонд за годинава располага со 783.530.000 евра. Од друга страна, по основ на наплата на придонеси за социјално осигурување, проектиран е приход во износ од 725.100.000 евра. ФЗО претставува една од најголемите „бази“ на податоци, со опфат на вработени и невработени осигуреници, матични лекари, гинеколози, стоматолози, лекари од секундaрното и од терциерното здравство. Воедно,,овој фонд е „сервис“ на  сите услуги во јавното здравство, вклучувајќи и лекувања во странство, лекувања во приватното здравство, исплата на боледувања и исплата на породилни боледувања.   

    Според Годишниот извештај на ФЗО за 2023 година, во земјава биле регистрирани 1.856.738 осигуреници.

    Годишен извештај на ФЗО за 2023 

    „Во структурата на носителите на осигурување, најголем дел се вработените лица, околу 47 проценти, потоа пензионерите со 29 проценти, невработените и лицата осигурени преку Министерството за здравство со 22 проценти и земјоделците и останатите со по 1 процент. Тоа значи дека на две активно вработени лица, во просек доаѓа по едно лице во пензија и едно невработено лице, односно лице за кое осигурување плаќа Министерството за здравство“.

    (Не)Транспарентност на државните фондови – искуства и примери

    Двата државни фондови, ПИОМ и ФЗОМ, кои годишно менаџираат повеќе од 2,7 милијарди евра, а на чие чело се поставуваат директори именувани од владата,  во изминативе децении се вбројуваат во институционални адреси, на чија „врата“ новинарите често тропаат во потрага по одговори, не само за тековното информирање, туку и за големи афери што водат до врвот, поврзани токму со менаџирањето на овие институции. Новинарската пракса покажува дека во специфични ситуации, кои во дадени моменти добиваат и форма на финансиски афери, тешко или воопшто не се добива навремена и прецизна информација.

    Фонд за здравствено осигурување

    Случај „Сајбер-напад“, февруари 2023 година

    Во екот на сајбер-нападот што се случи на почетокот на 2023 година, кога осигурениците чекаа одговор дали се хакирани лични податоци, а пациентите, пак, зошто има застој во одредени здравствени услуги, официјалната комуникација на ФЗО со новинарите беше преку соопштенија. (достапен линк до соопштение).

    Па, така новинарите напишаа: „ФЗО призна дека техничките проблеми се сајбер-напад, молчат дали се загрозени податоците на пациентите. По три дена, институцијата реши да признае дека системот, всушност, има технички проблем и не функционираат дел од серверите.“ „Макфакс“ побара од Фондот токму листа на услуги што во моментот, поради паднатиот систем, не им се достапни на корисниците. Оттаму, наместо листа, Фондот испрати соопштение, без никакви детали. Од оваа институција не кажуваат дали листата со лични податоци на стотици илјади осигуреници завршила во рацете на хакерите, како и тоа дали се загрозени“,

    Сите медиуми, без разлика на форматот, со еднаков интерес го следеа случајот. Телевизија 24 секојдневно се обидуваше да ги добие двајцата директори на ФЗО, но тие не одговараа ниту на повиците, ниту на пораките. Од Фондот велат дека се прават напори утре да има плати“ – напиша новинар во видеоприлог на ТВ 24.

    Информацијата за сајбер-нападот беше објавена на 5 февруари, раководството на Фондот за овој случај, првата прес-конференција ја одржа на 22 февруари, а во меѓувреме, во потрага по одговори и одговорност се вклучија и граѓанските организации. „Сите прашуваат кога ќе биде исплатено породилното, немаат никакви информации, цели семејства зависат од овие средства“ – изјави Неда Чаловска, Хелсиншки комитет.   

    Афера „Онкологија“, ноември 2023

    Еден од најголемите скандали во здравството беше и сѐ уште е „Онкологија“. Меѓу  дел од повиканите институции беше и ФЗО. „На пример, ФЗО, кој би требало да има увид и ако работел како што треба, Клиниката веројатно немала да влезе во оваа шема“ – изјави пратеничката Рашела Мизрахи, која беше и претседателка на анкетна комисија за случајот „Онкологија“. Раководството на ФЗОМ, по силниот притисок на јавноста за случајот, реферираше пред оваа анкетна комисија, но сѐ уште нема целосна институционална разврска за овој скандал.  

    Афера „Рекет 2“, мај 2020 година

    На удар на јавноста поради аферата „Рекет 2“, со отворена предистрага за злоупотреба на службената положба, тогашниот директор на ФЗО, Ден Дончев поднесе оставка, официјално поради „лични причини“. Од Јавното обвинителство информираа: „Надлежен јавен обвинител има издадено низа наредби и сослушано лица, во насока на расветлување на наводите изнесени во пријавата“. Дончев негираше дека е уапсен. Неколку години подоцна, новинарите и натаму со прашање: „Што се случи со кривичната пријава за злоупотреба на службената положба“.

    Неделникот „Фокус“ нотира отсуство на разврска:„Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил 50.000 евра за консултантски услуги од компанијата со основна дејност за интернет-порталите „Ремаркет“ (подоцна регистрирана е уште една трансакција од 80.000 австралиски долари), која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“. Тој, овие средства не ги пријавил до Антикорупциската комисија, која му изрече парична казна. Меѓутоа, сѐ уште се чека епилогот од предистражната постапка.“ („Фокус“) 

    Дончев, како прв човек на ФЗО, за време на директорувањето, речиси и воопшто не се појави во јавноста. Прес-конференција одржа непосредно пред поднесувањето на оставката, во април 2020 година. 

     Фонд за пензиско осигурување

    „Кривична пријава за директор на ФЗО“, март 2024 

    Во март годинава, МВР поднесе кривична пријава против екс директорот на ФЗО, Д.Б. под сомнение за злоупотреба на службена положба, со проценка дека буџетот е оштетен за 614.000 евра. „Во периодот од 19.2.2022 до 17.3.2023, кога вршител на функцијата директор на Фондот за ПИОМ, пријавениот Д.Б., во име на Фондот, склучил повеќе договори  за дело и договори за извршување самостојна работа со шест физички лица, постапувајќи спротивно на…“ – соопшти МВР.

    Ваквите сомнежи беа коментирани од одредени партии без да се огласи повиканото раководно лице или партијата што го предложи како кадровско решение.

    „Косовски државјани со македонска пензија“, ноември 2023 

    Едно од прашањата што не доби релевантен институционален одговор е „По која основа и колку косовски државјани се приматели на пензија пред ПИОМ.“ Ова прашање беше актуелно и во политичките кругови. „Има информација дека голем број косовски државјани што не ги исполнуваат условите за државјанство во Република Македонија примаат пензии од Република Македонија и се лечат во  нашите здравствени установи, исто како да се наши жители“ – праша пратеничката Благица Ласовска. 

    Новинарската пракса покажа дека тешко или воопшто не може да се дојде до одговор за официјални статистики за тоа колку и по која основа странски државјани земаат пензии од ПИОМ.

    „Злоупотреба на 19 милиони евра од ПИОМ“, јануари 2019

    Еден од најголемите скандали поврзани со ПИОМ беа наодите на  Министерството за труд и социјална политика за злоупотреба на 19.000.000 евра пари на 12.000 осигуреници. Беше поднесена кривична пријава за непознат сторител. За оваа мегаафера, најпрво соопшти Министерството за труд и социјална политика: „За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На тој начин, директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари…“

    Новинарите со сериозност ја третираа темата, но не и политичарите, односно дел од тогашните функционери.   

    „Директорот на Фондот за ПИОМ молчи: Институциите се затечени. Дел молчат, дел се правдаат дека никој немал увид во она што се случувало, во период од безмалку една деценија. „Дојче веле“ повеќепати се обиде да стапи во контакт со директорот Зендели за да го праша каде завршиле парите на осигурениците, но тој не одговараше на повиците“ – напиша „Дојче веле“.

    Наместо одговори и одговорност за состојбите во државниот фонд, новинарските прашања предизвикаа реакции на етикетирање на новинари од страна на тогашните актуелни функционери по што следуваше и реакција на ЗНМ:  „Вицепремиерот Бујар Османи, говорејќи за скандалот во ПИОМ, се закани со тужби до сите медиуми, кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и да изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот, кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат“.

    (ЗНМ соопштение, јануари 2019)

    ПИОМ и ФЗОМ мора да бидат неприкосновено транспарентни

    ПИОМ и ФЗОМ, поради својот голем опсег на дејствување и како сервис на граѓаните, не само што не треба да остават простор за отсуство на навремена информација, туку треба да демонстрираат висок степен на транспарентност. 

    Транспарентноста на двата фонда може да се нотира на две позиции:

    – официјална и континуирана транспарентност, како облигација по основ на законската регулатива за транспарентно информирање,  

    – транспарентност и отвореност по барање на новинарите, во дадени проблематични ситуации.

    „Официјална легалистичка транспарентност“

    *Согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, ПИОМ и ФЗОМ имаат назначено службени лица за посредување информации од јавен карактер, со објавени имиња на лица, е-адреси заедно со контакт-броеви (на страницата на ФЗО не се објавени). Во пракса, и двата фонда имаа портпароли за комуникација со новинарите. Двете институции имаат објавено Листа на информации од јавен карактер, која практично ги опфаќа информациите што тековно се објавуваат на веб-страниците.

    Листа на информации од јавен карактер, ФЗО

    • Акти за основање и регистрација.
    • – Годишен план за работа на ФЗОМ.
    • – Буџет на Фондот за здравствено осигурување.
    • – Ребаланс на буџетот на Фондот.
    • – Годишна завршна сметка, годишен финансиски извештај, извештаи за работа (годишни и периодични).
    • – Статистички извештаи и прегледи, и друго.

    Извор: ФЗОМ

    Листа на информации од јавен карактер, ПИОМ

    • – Финансирање (вкупни приходи и вкупни расходи).
    • – Алатка за отчетност – табела на службени трошења.
    • – Буџет на Фондот.
    • – Предлог на буџетско барање на Фондот.
    • – Ребаланс на буџетот на Фондот.
    • – Стратешки план на Фондот.
    • – Завршна сметка на Фондот.
    • – Извештај за работата на Фондот и друго.

    Извор: ПИОМ

    Оваа транспарентност, која е по сила на законот, треба да ја олесни комуникацијата на релација новинар – институција, да придонесе за брз проток на информации, па и на оној тип информации што не се обелоденети јавно, а се предмет на новинарско известување или анализа. 

    Декларативната заложба за зголемена транспарентност се нотира во документот  „Проактивно објавување на информациите од јавен карактер на веб-страниците на институциите“, објавен од Министерството за информатичко општество и администрација. Во тој корпус на институции се и ПИОМ и ФЗОМ, како државни фондови од висок јавен интерес.

    На веб-страницата на ПИОМ,од поважните документи што содржат информации за работата на ПИОМ, меѓу другите, се објавуваат „Завршна сметка“ и „Извештај за работата на ПИОМ“. Во документот со наслов „Годишен план за спречување на корупцијата“ (јули 2021 година) се нотира дека за работата на фондот, по интегритетот на вработените, втора најзначајна улога ќе има јавниот интерес и транспарентноста: „Транспарентност и отчетност во работењето со објавување на веб-страницата на годишни извештаи, јавни набавки и други финансиски извештаи за тековното работење“ (Годишен план за спречување корупција 2021 година).

    На веб-страницата на ФЗОМ достапни се поголем број документи со различен профил, како што се: годишните извештаи за работата на ФЗО, извештаи поврзани со контроли во ЈЗУ, извештаи за потрошувачка на лекови, буџет, договори со здравствени установи и други финансиски и статистички извештаи.  

    Преку објавувања и навремено ажурирање на податоците, на официјалните веб-страници се постигнуваат повеќе цели, меѓу кои:

    – пристап до нови и квалитетни податоци (податливи за новинарска анализа), 

    – пристап до документи (на пр: увид во финансиите на институцијата), 

    – одговорност во трошењето на јавните пари.

    – отчетност на институцијата,

    – можност за вклучување на јавноста во одредени процеси.

    Потреба од континуирана транспарентност

    Новинарската пракса покажува дека наспроти „формалната транспарентност“, новинарите се соочуваат со „неформална нетранспарентност“. Приложените примери на новинарски текстови во оваа анализа покажаа дека кога се работи за чувствителни теми од  јавен интерес (злоупотреба на должност, примање мито, сајбер-упади во база на податоци на пациенти), ненавремено, тешко или речиси е невозможно да се добие став и конкретен институционален одговор. Согласно законската регулатива, препораките на меѓународните и на домашните организации и неопходноста од професионално и навремено информирање, транспарентноста треба да се канализира на повеќе начини : 

    – достапност на податоци на официјални веб-страници и нивно навремено ажурирање,

    – достапност на лицата задолжени за односи со јавноста,

    – согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, навремени и прецизни одговори на новинарските прашања,

    – тековно информирање за работата на фондовите преку таргетирани прес–конференции,

    – комуникација со раководството/менаџментот на фондовите, особено во одредени специфични и проблематични ситуации.

    Транспарентноста не е само обврска по сила на законот, таа треба да биде и „обврска“ мотивирана од етички, морални и од професионални побуди. Високиот степен на транспарентност значи стеснување на просторот за неодговорно и неотчетно работење, а за новинарската пракса, пак, значи навремено и вистинито информирање за теми од висок јавен интерес.

    Автор: Анета Додевска

    Тематската сторија е изработена во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите како столбови на демократијата во Република Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија. За нејзината содржина одговорен е исклучиво авторот и нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.

    • Share:
    author avatar
    Здружение на новинари на Македонија

    Претходен

    ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ВЛЕГОА ВО ОПШТИНИТЕ, НО ВЛАСТИТЕ ГИ ГЛЕДААТ КАКО НЕПРИЈАТЕЛИ ЗАШТО БАРААТ ОТЧЕТНОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО
    септември 27, 2024

    Следен

    СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ: КОГА ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ СВОИТЕ ОБВРСКИ
    септември 27, 2024

    Можеби ќе Ве интересира

    2
    ЗНМ и АВМУ разговараа за актуелните состојби на медиумскиот пазар и транспарентноста на сопственоста
    8 октомври, 2026
    169 (86)
    Повик за учество на еднодневна обука на тема: „Етичко известување за процесот на ЕУ интеграции “
    7 октомври, 2026
    169 (85)
    ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА ОБУКА ЗА НОВИ ТЕХНОЛОГИИ И ДИГИТАЛНА БЕЗБЕДНОСТ
    5 октомври, 2026

    Пребарувај

    Категории

    • In Memoriam
    • Активности
    • Совет на честа
    • Соопштенија
    logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme

    00389 (02) 3298-139

    contact@znm.org.mk

    Градски ѕид, блок 13 1000 Скопје

    Документи

    • Статут
    • Правилници
    • Анализи и публикации
    • Стратешки план

    ЗНМ

    • За нас
    • Историјат
    • Галерија
    • Контакт

    Линкови

    • Активности
    • Соопштенија
    • Членство
    • Приватност и колачиња

    © 2020 Сите права задржани - ЗНМ Скопје. Развиено од SVNA Design

    [miniorange_social_login shape="longbuttonwithtext" theme="default" space="4" width="240" height="40"]

    Login with your site account

    Lost your password?