Да се биде безбеден или не – нови препораки на „странците“ за заштита на новинарите

ЕУ се смета како една од најбезбедните места за работа на новинарите и медиумските работници. Но, дали навистина е тоа така? Оваа перцепција во последните години за жал се менува пред сé поради неколкуте нерасчистени убиства на новинари во земјите членки за кои во голема мера истрагите сé уште се отворени. а нарачателите неказнети. Ова е една од главните причини зошто на 16ти септември во 2021 година, Европската комисија усвојува препораки за безбедност и заштита на новинарите со цел да се зајакнат критичните медиуми а, со тоа и медиумскиот плурализам на содржини во ЕУ.
Кревање на свеста за последиците кои може да настанат по демократските вредности на членките земји на ЕУ како и мотивирањето на институциите низ целиот континент за изнаоѓање на нови механизми за гарантирање на безбедноста на новинарите се дел од целите на новите препораки на Европската комисија. Препораките се стремат да обезбедат побезбедни услови за работа на сите медиумски работници кои професионално се бават со новинарската професија на начин што ќе бидат ослободени од страв од заплашување без разлика дали заканите се во онлајн сферата или пак на јавен простор или каде било. Тоа што е специфично за овој сет на препораки е што посебен фокус става на жените новинарки пред сé поради специфичноста на заканите и нападите со кои се соочуваат но, и поради зголемениот тренд на притисоци кон нив кој посебно е видлив во земјите на Западен Балкан. За потсетување овој негативен тренд е застапен и во Македонија каде според годишните извештаи на Здружението на новинари во 2020 година од 14 посериозни напади и закани кон новинари повеќе од половина се кон жени новинарки.
Зошто прашањата за безбедноста на новинарите имаат политичка тежина?
Токму убиствата на група на новинари кои се случија во неколку земји членки на ЕУ го активираа алармот дека безбедноста на новинарите мора да биде гарантирана. Но, не само убиствата туку и немањето на капацитет или пак волја кај дел од владите во овие земји во кои беа убиени новинари да се справат со последиците и да ја задоволат правдата. Затоа гаранциите за безбедноста на новинарите потребно е да се на ниво на политичка култура, а мерките кои произлегуваат од владите и законските одредби потребно е да се носат во согласност со препораките на меѓународните политички организации како што се препораките на Советот на Европа CM/Rec (2016) 4 на Комитетот на министри до земјите – членки за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери. Секако дека и правосудните органи потребно е да ја сфатат сериозноста на неказнивоста во случаите кога се повредени правата на новинарите бидејќи на тој начин се ускратува правото на граѓаните на информирање а, може и да се поттикне дополнително насилство не само кон новинарите туку и кон други критични гласови како што се разни активисти за човекови права.
Поттикнати од важноста на овие прашања и Велика Британија веднаш после „излагањето од ЕУ“ а, сакајќи јавно да ја истакне политичката заложба за обезбедување на безбедна средина за работа на новинарите изработи и свој документ во оваа насока. Така во јуни 2019 година на глобалната медиумска конференција во Лондон беше потпишана Меѓународна заложба за почитување на медиумските слободи со акцент на безбедноста на новинарите. Овој документ беше потпишан и од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Хронологија на убиства на новинари во ЕУ во последните години
Новинарите и медиумските организации во Европа во последните години сé повеќе се соочуваат со рестриктивни закони кои може да ја загрозат новинарската слобода, казнени правни мерки и физичко насилство или закани по животот на индивидуи кои се дел од медиумскиот сектор. Многу често, без разлика дали работат со традиционални медиуми или на дигитални платформи, професионални и критични новинари плаќаат за својата посветеност со својата слобода или со својот живот.
Последниот потврден трагичен настан се случи во првата половина од 2021 година и тоа во стари членки на ЕУ каде двајца новинари го загубија својот живот и тоа на јавен простор егзекутирани од огнено оружје од страна на непознати сторители. Првиот новинар е Ѓоргоз Караивас од Грција како и Питер де Вриес од Холандија а, заедничко за двајцата е што дел од својата кариера во новинарството ја имаат посветено на истраги поврзани со организиран криминал. Двата случаи се во моментов под истрага. Други сериозни случаи за кои пошироката европска јавност е свесна, пред сé дека и високи функционери си поднесоа оставки од своите позиции, се случајот на Јан Кучијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова кои беа насилно убиени во близина во викенд куќа во близина на главниот град на Словачка во 2018 година. А вториот случај за кој исто така имаше незадоволителната истрага поради што имаше и политички оставки е убиството на истражувачката репортерка Дафне Галициа во 2017 година во Малта. Во последната декада најдрастичниот случај во кој загинаа повеќе членови на една редакција е терористичкиот напад на печатениот медиум Чарли Хебдо во Париз во 2015 година во кој беа убиени 12 лица.
На ниво на Западен Балкан, официјално регистриран случај на убиство на новинар од страна на надлежен орган не е регистриран но, имало обиди за убиство и како еден од најдрастичните е случајот на новинарката Оливера Лакич која беше застрелана во нога од огнено оружје од непознат напаѓач пред својот дом во центарот на Подгорица во 2018 година. Таа е препознатлива по своите истражувачки објави за што новинарската заедница во Црна Гора смета дека е и мотивот за обидот за убиство. За овој случај е отворена истрага која сé уште трае.
Препораките на ЕУ треба да се земат сериозно во спротивно нема да се кредибилни
Овие препораки усвоени од страна на Европската комисија за кои и претходно се дискутираше како тема на ниво на Европскиот парламент, државите членки требно да ги земат во предвид и да ги имплементираат со голема внимателност. Земјите кои имаат статус на кандидат членки потребно е уште повеќе да покажат не само политичка волја туку и реален капацитет доколку имаат искрени намери да создадат услови за работа на медиумските работници во кои тие ќе бидат безбедни а, доколку навистина има инцидент кој би ја нарушил нивната безбедност дека нема да има политика на неказнивост и дека државата ќе направи се што е во нејзина моќ да се казнат оние кои креваат рака кон новинарите а, со тоа и кон правото на слобода на изразување и правото на информирање.
На техничко ниво и накратко, овие препораки треба да послужат за:
- Проактивни мерки на земјите членки во обезбедување на заштита на новинарите во согласност со ЕУ повелбата за фундаменталните права а, посебно со принципите на медиумските слободи и правото на изразување и информирање и со уставните традиции на земјите членки,
- Унапредување на постоечките закони, протоколи но, и останати норми и во согласност со ЕУ и меѓународното право со цел да се заштитат новинарите и независноста на медиумите како и плурализмост во медиумите и
- Преземање на активности на земјите членки во согласност со националните правни системи но, и професионални стандарди и правила.
Интересно е тоа што препораките даваат насоки дека ефикасните и независни истраги за гонење на кривични дела против новинарите се основа за надминување на политиката на неказнивост. Ова може да се постигне со ефикасни судски процеси во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Корисен дел е препораката која се однесува на тоа дека потребна е соработка на органите на прогон и здруженијата кои ги застапуваат новинарите. Изнаоѓање на модели за заедничка работа и координација кога се повредени правата на новинарите помеѓу еснафските здруженија и полицијата, обвинителството но, и судството е од исклучително значење. За да се случи тоа потребен е константен дијалог на овие теми помеѓу овие институции. Освен ова, полицијата во исклучителни случаи потребно е да обезбеди обезбедување на новинари и на нивни блиски членови од семејството кои се изложени на ризик. Во насока на конкретни соработки со здруженијата, бесплатни телефонски линии за помош на новинари, системи или сервиси за брза реакција во соработка со институција од прогонот се само дел од моделите кои се сугерираат во препораките.
На страна од ова, препораките укажуваат и на важноста на отвореноста на институциите кон новинарите како и кон ризикот од воведување на ограничувања кои потребно е да се во согласност со практиките на Советот на Европа.
Потребата од постојани обуки и градења на капацитети не само во делот на новинарската фела туку и на претставници на институциите, потоа важноста на известувањата од настани од висок ризик, социјалната и економската заштита на новинарите се останати аспекти на кои исто така во овој документ им се дава на значење.
За крај, доколку навистина Северна Македонија претендира да покаже на Европската комисија но, и на локалните новинари и пред сéе граѓани дека се грижи за нивната безбедност потребно е во најбрзо време да ги земе предвид овие препораки и истите да ги имплементира. Ова е важно затоа што само на тој начин ќе се прекине трендот на напади и закани кон новинари, ќе се намали политиката на неказнивост и ќе се покаже дека во нашата земја постои демократски капацитет со кој се промовира слободата на изразување.
Подготвил: Александар Ѓоргиевски
Оваа тематска сторија е изработена во рамките на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија“ финансиран од Balkan Trust for Democracy преку програмата за слобода на медиуми. Мислењата изразени во оваа публикација нужно не ги претставуваат оние на Амбасадата на Кралството Норвешка, Балканскиот фонд за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави или нејзините партнери“.