• Почетна
  • За нас
    • За ЗНМ
    • Документи
      • Статут
      • Правилници
      • Извештаи
      • Стратешки план на ЗНМ
    • Историјат
    • Прес клипинг
      • Прес клипинг 2026
      • Прес клипинг 2025
      • Прес клипинг 2024
      • Прес клипинг 2023
      • Прес клипинг 2022
    • Галерија
    • Видеа
  • Публикации
  • Кодекс
  • Совет на чест
    • За советот на чест
    • Соопштенија од советот на честа
  • Проекти
    • Тековни проекти
    • Изминати проекти
  • Соопштенија
    • In Memoriam
  • Активности
  • Контакт
  • македонски јазик
    • English
    • Shqip
Контакт информации?
00389 (02) 3298-139
contact@znm.org.mk
Кошничка
Плати онлајн
Зачлени се!
Здружение на новинари на Македонија
    • Почетна
    • За нас
      • За ЗНМ
      • Документи
        • Статут
        • Правилници
        • Извештаи
        • Стратешки план на ЗНМ
      • Историјат
      • Прес клипинг
        • Прес клипинг 2026
        • Прес клипинг 2025
        • Прес клипинг 2024
        • Прес клипинг 2023
        • Прес клипинг 2022
      • Галерија
      • Видеа
    • Публикации
    • Кодекс
    • Совет на чест
      • За советот на чест
      • Соопштенија од советот на честа
    • Проекти
      • Тековни проекти
      • Изминати проекти
    • Соопштенија
      • In Memoriam
    • Активности
    • Контакт
    • македонски јазик
      • English
      • Shqip

    Активности

    • Почетна
    • Новости
    • Активности
    • Вистината или бизнис-интересите: Кој сака да ги замолчи новинарите со SLAPP тужбите?

    Вистината или бизнис-интересите: Кој сака да ги замолчи новинарите со SLAPP тужбите?

    • Категории Активности
    • Датум декември 27, 2023

    Автор: Слободанка Јовановска

    Физички напади, навреди, омаловажувања, закани, онлајн-насилство и тужби за клевета – се секојдневие за новинарите во Македонија. Иако земјата годинава е рангирана многу високо според слободата на медиумите (на 38-то од 180 места), иако драстично се намалени казните за клевета и навреда и специјален јавен обвинител се грижи за правата на новинарите, сепак се гледа тенденција да се вратат некои стари времиња кога се замолчуваа медиумите. Она што ги крена на нозе новинарите деновиве беше изречената пресуда за ИРЛ во спорот со бизнисменот Кочо Анѓушев, во која се спореше дека ИРЛ е медиум, дека неговите новинари се „таканаречени новинари“, дека нивната работа не може да биде јавна и дека државните институции треба да ја преиспитаат нивната работа, со отворање врата за можноста – да ги забранат.

    Ваквата пресуда покрена сомневања дека има еволуција во начините како да се замолчат новинарите и дека не станува збор за поединечни случаи, туку за стратешки осмислени напади против оние што ќе се дрзнат да пишуваат за високата корупција. Во тие напади учествуваат бизнисмени, политичари, институции, некои пиар-агенции, па и други медиуми, при што главната цел е да се искомпромитираат новинарите како „рекетари“, да се заплашат, психички и финансиски да се исцрпат, па и физички, трошејќи го времето на судски процеси и на справување со соопштенија и напади на социјалните мрежи, со крајна цел да се прашаат – дали воопшто вреди да се пишува таа истражувачка сторија?

    Оваа тактика на заплашување, која не се однесува само на новинарите, туку и на блогерите, независните институции, невладините организации, активистите и сите што се изразуваат на социјалните мрежи, доби официјално име Стратешка тужба против јавното дејствување (SLAPP), станува загрижувачки тренд во Европа, а очигледно зема замав и кај нас.

    –Не нѐ тужат за пари… Кочо Анѓушев, на пример, ни бараше 2 евра отштета. Целта е да нѐ дискредитираат, да ни го урнат угледот, вели Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

    ИРЛ, во моментов, се соочува со осум отворени судски процеси, од кои пет се покренати од еден бизнисмен, странски инвеститор во Македонија. Притоа општ е заклучокот дека главниот притисок сега доаѓа од бизнис-елитата, а помалку од политичката.

    – Тоа го прават преку група медиуми, меѓу кои и меинстрим, што ги плаќаат за да можат да водат хајки преку нив. Тужбите се само повод да го прават тоа. Цели армии од ботови на двете најголеми политички партии им се ставаат на располагање за да нѐ навредуваат, да нѐ нарекуваат рекетари, вакви, такви… Ние секојдневно, наместо да креираме содржини, половина од времето одговараме на ваквите напади. Бидејќи не е во прашање само тужбата, за која има пет рочишта годишно. Нема месец во кој „Фероинвест“ нема три соопштенија против нас и во кои нѐ нарекува најпогрдно, а тоа e многу исцрпувачко, многу навредливо и многу стресно, вели Цветковска. Во едно од соопштенијата, ИРЛ беше обвинета за „лажни конструкции и монструозни идеи“, со оценка дека се „канцер“ за здравото ткиво на општеството.

    Според неа, најзагрижувачко е што не е само ИРЛ цел на напади поради нивните истражувања, туку со истото се соочуваат и нивните донатори на кои им се врши невиден притисок да престанат да ги финансираат. Тоа што ниту една политичка партија, мала или голема, не излезе со соопштение во одбрана на слободата на говорот, освен претседателот Стево Пендаровски, за Цветковска значи дека не им пречат ваквите напади.

    –Поддршка од институциите практично немаме, па олигарсите, бизнисмените и криминалците се оставени слободно да нѐ малтретираат. А постојано имаме закани од тужби и тужби. Ни се закануваат и кога ќе поставиме прашање, пред да објавиме воопшто нешто. И тие притисоци не се само врз новинарите, туку и врз независните институции, кои се под притисок да не ни даваат информации, што ми дава причина да верувам дека станува збор за стратешки напади од повеќе страни со иста цел, замолчување на новинарите, вели Цветковска.

    Таа, притоа, посочува на парадоксот државни институции и јавни претпријатија да ја тужат Комисијата за пристап до информации, која треба да се бори за правото за добивање јавни информации, зошто пресудила во корист на нивните барања да им ги обезбедат бараните податоци. Годинава поднеле 40 жалби за ускратување податоци, бидејќи одговорите на институциите стануваат сѐ поредуцирани. Под притисок е, вели таа, и ДКСК зашто цитирала делови од ревизорски извештај на своите седници. Сето тоа, според неа, влијае многу обесхрабрувачки, пред сѐ врз младите новинари.

    –Ние се трудиме да создадеме кадар. Новинарите се премалку платени и сѐ што имаат е ентузијазмот и чувството дека некој во општеството го вреднува тоа што го работат. Нашите млади новинари работат заради таа сатисфакција, а сега ги заплашуваат, вели Цветкоска.

    Ирена Мулачка од неделникот и порталот „Фокус“ се соочи со тужба од Орце Камчев поради серија стории за работата на „Бетон“.

    –Осум пати се сечеше лента за болницата, а сѐ уште не е почната изградбата, посочува таа на една од причините за тужбата, која по три рочишта била отфрлена од судијката. Според неа, притисоците не биле директни, туку преку подземна мрежа на портали, кои објавувале навредливи стории за наводни лични афери, за земање пари (мито) од веледрогерија за да пишува во нејзина корист и слично.

    -Жан Митрев се заканува со тужба само ако го прашаш нешто, вели Мулачка, додавајќи дека последната закана за тужба што ја добила била најавена со 50 страници демант, а се однесува на истражувачка сторија околу издавањето дипломи на Медицинскиот факултет во Штип.

    Таа се апстрахира од притисоците за да не ѝ влијаат врз работата бидејќи, вели, сакаат да „нѐ фатат на кондиција“, но имало времиња, до 2014 година, кога поради притисоците, се самоцензурирале, бидејќи тогаш „Фокус“ се соочуваше со 14 тужби од високи политичари и бизнисмени и со барања за отштети од илјадници евра. Како најкарактеристично искуство го посочи случајот со проневерата на лекови во Клиниката за онкологија по чие објавување еден од спомнатите ѝ понудил: „Кажете дека ја демантираше вашата сторија, ќе си ја намалите штетата“, како очигледна закана за тужба.

    Мери Јордановска, како новинар на веб-порталот А1он, во 2020 година му постави прашање на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, како мисли неговата партија да ги троши буџетските пари и дали планира да ги врати во буџетот. Тоа беше повод за дузина навредливи и омаловажувачки фејсбук-статуси на Апасиев, кои кулминираа со тужба, откако таа ги објави во јавноста. Во нив, меѓу другото, Апасиев прашува: „А СДС кога ги прашувате, на Заев директно ли му се јавувате или на Центарот за комуникации? Секогаш сум бил коректен и со сороспии и со курирци, ама имајте ниво на професионалност“.

    Тужбата поднесена до Основниот кривичен суд беше оквалификувана како „неовластено објавување лични записи“ по член 148 од Кривичниот законик. Пратеникот, имено, сметаше дека принтскрин од неговиот одговор на прашање поставено по смс-порака од страна на новинар претставува „личен запис“.

    –Според членот 148 од Кривичниот законик, доколку бевме прогласени за виновни, ќе се соочевме со парична казна или со казна затвор до една година, посочува Јордановска.

    Тужбата беше насочена против неа, против новинарката што го пишувала текстот и против главниот уредник на А1он, Предраг Петровиќ, и фирмата-издавач на А1он.

    –Повеќе од јасно беше дека станува збор за SLAPP тужба поради две причини – прво, тужбата доаѓаше од лице што е на функција (пратеник во Собранието) и дополнително, неговиот адвокат јасно навести дека по пресудата, ќе бара отштета во граѓанска постапка. Сметам дека сета оваа голгота беше со една единствена цел, финансиски да се истошти медиумот и да се влее страв кај новинарите „да не го ставаат во уста Апасиев“ во негативна конотација, вели Јордановска.

    По речиси две години влечење по судови, случајот беше затворен, но во  меѓувреме реагираа сите домашни здруженија, ЗНМ, ССНМ, меѓународните здруженија Репортери без граници и Интернационалната федерација на новинари.

     –Тоа ми даваше мотив да не му ја дадам на тужителот сатисфакцијата што ја бараше, бидејќи знаев дека не сум згрешила ништо и за тоа имав целосна поддршка од колегите. И покрај тоа што на крајот, на еден начин, „се најдовме на слобода“, ние, сепак, изгубивме две години низ судските инстанци. Со самото тоа кога пред судот ќе се каже „нека стане обвинетата“, се чувствувате понижено, ниско, потценето, бидејќи сè што сум правела е вршење на својата работа во рамките на сите професионални и етички стандарди, а, сепак, се наоѓам на обвинителна клупа зашто нечие его било повредено. Жал ми е што ќе признаам дека за тие две години додека течеше судскиот процес, јас не напишав ниту еден текст во кој го спомнав името на Апасиев – не затоа што се плашев од него, туку затоа што не сакав на моите текстови да се гледа како на еден вид „одмазда“ затоа што тој ме тужи, вели Јордановска.   

    Таа била шокирана од одлуката на Апелација овој случај, по изречена ослободителна пресуда, да го врати на повторно одлучување и смета дека колку што на новинарите им се потребни обуки во однос на работењето на судските инстанци, толку обуки им се потребни и на судиите во однос на новинарската работа и новинарските стандарди.

    –Од оваа инстанца, сметам дека судовите немаат многу искуство за овој вид тужби и за она што се смета од јавен интерес. Јас се најдов во ситуација да се правдам и да образложувам работи што се елементарни за новинарската професија – дека секојдневно на телефон, социјалните мрежи, комуникациските апликации и слично контактираме со политичари, функционери, членови на политички партии и многу други јавни лица, без притоа да знаеме (бидејќи е сосема нерелевантно) дали мобилниот број е на нивно име или на државна сметка. Секоја јавна личност има можност да каже дека одбива да одговори, дека не сака да одговори, дека ќе одговори без да биде цитиран и слично, но неприфатливо е недолично однесување на културно поставено прашање од страна на новинар, посочува Јордановска.

    Дека судиите не знаат да судат околу слободата на медиумите се согласува и Сашка Цветковска.

    –Судиите се целосно неедуцирани да судат за слободата на говор. Таа едукација не треба да трае три дена, туку треба да биде сериозна бидејќи човековите права и слободата на медиумите се сензитивна работа, вели таа.

    Мулачка, пак, вели дека морало да објаснува елементарни нешта за начинот на работа во медиумите во текот на судењата, каде добивала прашања, дали добила дозвола од тужениот да објави негова фотографија на насловна страница. „Практично, морав да им објаснувам каква е нашата работа, дека не може да се очекува за педесетина објавени вести денес да ги прашувам сите за дозвола дали да објавам некоја фотографија или не“, вели таа. Злоупотребата на SLAPP тужбите веќе ја мобилизираше Европската Унија, која изгласа регулатива со која се бара тие да се отфрлаат во раната фаза и државите да обезбедат национални законодавства со кои ќе ги спречуваат моќниците да ги заплашуваат и да ги притискаат новинарите. На слична регулатива работи и Советот на Европа и таа треба да биде усвоена до крајот на годинава. Откако стана тренд ваквото тужење, во последните три години почна да се прави  регистар на SLAPP тужби, во кој влезе и Македонија со пет регистрирани случаи. CASE, Коалицијата против SLAPP тужби во Европа, оцени дека сѐ повеќе растат заканите за демократијата и дека бројот на тужби против новинарите е драматично зголемен, па наспроти 135 SLAPP тужби во Европа во 2021 година, лани биле регистрирани 570, а оваа година дури 820, при што просечната отштета што се бара од тужителите, бизнисмени, политичари или корпорации, е 15.000 евра по случај. Иако во некои земји нема вакви тужби, нема бидејќи има малку незаробени медиуми (Унгарија на пример), сепак тие ја потврдуваат загрозената слобода на медиумите. Со оглед на бројот на жители, на врвот по бројот на тужби е Малта, но генерално најмногу регистрирани SLAPP тужби има во Полска, а од регионот, „шампион“ е Хрватска, која стои полошо и од Србија, додека во Црна Гора нема ниту една.

    Фото: Case

    Организацијата Член 19 (Article 19) оцени дека постои јасен општ тренд новинарите да се напаѓаат со SLAPP тужби во речиси сите земји што ги испитале во Европа и дека ниту една од нив нема регулатива за ова прашање. Во зависност од националните законодавства, има случаи, на новинарите да им се забрани да работат на истражување додека трае судскиот процес, а кога тој ќе заврши, тоа веќе не е релевантно. Често SLAPP тужбите се затскриваат зад тужбите за клевета, која, пак, е кривично дело во шест земји на Европа, а во една, за неа се оди и в затвор. Без оглед на бројките и на практиките, едно е заедничко за сите нив – тие се активираат кога се истражува висока корупција или лошо владеење, а изговорот е дека им „се урива угледот“.

    Притоа главните притисоци во Македонија сега, според новинарите, не доаѓаат толку од политиката, колку од бизнисот, иако, според Цветковска, се гледа спрега на политичарите, бизнисмените и судството. Така, покрај зголемениот број различни напади против новинарите (од 59 во минатата година на 79 годинава), новинарите станаа мета на исмејување и омаловажувања, а политичките партии, преку своите медиуми, се пресметуваат со нив, одредувајќи кој е новинар, а кој не е. Разликата во однос на претходните времиња, оценува таа, е само што сега тие напади не доаѓаат од еден центар – туку од повеќе.

    Автор: Слободанка Јовановска

    Фото: ИРЛ

    Овој новинарски текст е изработен во рамките на проектот „Стратешките тужби против учество на јавноста (SLAPP) се шлаканица за граѓаните и за јавниот интерес“ поддржан од УНЕСКО. Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во овој текст не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето на граници. Авторите се одговорни за изборот и презентирањето на фактите содржани во овој текст и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

    • Share:
    author avatar
    Здружение на новинари на Македонија

    Претходен

    ЗНМ со пријава до МВР за заканите по живот кон Џабир Дерала 
    декември 27, 2023

    Следен

    Јавен конкурс за годишни награди на ЗНМ
    јануари 10, 2024

    Можеби ќе Ве интересира

    2
    ЗНМ и АВМУ разговараа за актуелните состојби на медиумскиот пазар и транспарентноста на сопственоста
    8 октомври, 2026
    169 (86)
    Повик за учество на еднодневна обука на тема: „Етичко известување за процесот на ЕУ интеграции “
    7 октомври, 2026
    169 (85)
    ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА ОБУКА ЗА НОВИ ТЕХНОЛОГИИ И ДИГИТАЛНА БЕЗБЕДНОСТ
    5 октомври, 2026

    Пребарувај

    Категории

    • In Memoriam
    • Активности
    • Совет на честа
    • Соопштенија
    logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme

    00389 (02) 3298-139

    contact@znm.org.mk

    Градски ѕид, блок 13 1000 Скопје

    Документи

    • Статут
    • Правилници
    • Анализи и публикации
    • Стратешки план

    ЗНМ

    • За нас
    • Историјат
    • Галерија
    • Контакт

    Линкови

    • Активности
    • Соопштенија
    • Членство
    • Приватност и колачиња

    © 2020 Сите права задржани - ЗНМ Скопје. Развиено од SVNA Design

    [miniorange_social_login shape="longbuttonwithtext" theme="default" space="4" width="240" height="40"]

    Login with your site account

    Lost your password?