Брза реакција – првите 60 минути-Практичен водич за реакција при координирани дигитални напади врз новинари и медиуми

Кога ќе започне координиран дигитален напад, првиот час е критичен. Начинот на кој редакцијата ќе реагира во овој период може значително да влијае врз понатамошниот развој на инцидентот, зачувувањето на доказите и безбедноста на новинарите и медиумскиот тим. Затоа, наместо импулсивна реакција, потребен е брз и координиран пристап со јасно определени одговорности.
Во првите 60 минути приоритет треба да бидат процената на ризикот, зачувувањето на доказите, заштитата на профилите и ограничувањето на штетата. Пред да се избрише содржина, блокира профил или променат поставки, потребно е да се зачува доказниот материјал. Истовремено, треба да се провери дали постои ризик за физичката безбедност на новинарите или нивните семејства.
Следните чекори можат да ѝ помогнат на редакцијата да воспостави контрола врз ситуацијата и да избегне постапки што би можеле дополнително да го засилат нападот.
1. Активирајте ја постапката
Веднаш определете кој е одговорен за координација на реакцијата, кој ги собира и зачувува доказите и кој управува со профилите и комуникацијата со платформите.
Доколку постојат индикации дека профилот или пристапот е компромитиран, администраторот веднаш ги презема основните мерки за заштита.
2. Направете брза процена на ризик
Проверете дали нападот вклучува закани за насилство, доксинг, објавување адреси или телефонски броеви, таргетирање на членови на семејството или обиди за преземање на профили и други сметки.
Доколку постои непосреден ризик за безбедноста, веднаш активирајте ги соодветните безбедносни процедури.
Важно: пред бришење, блокирање или промена на поставките, прво зачувајте го доказниот материјал. Во првиот час најважно е да се зачува „снимката“ од нападот додека содржината и активноста сè уште се достапни.
3. Зачувајте ги доказите пред какви било промени
Минималниот доказен пакет треба да содржи:
- скриншотови на цел екран, со датум и време, корисничко име и контекст на објавата или профилот;
- видеоснимки од екранот кои покажуваат како се пристапува до спорната содржина;
- директни линкови до објавите и профилите, а каде што е достапно и идентификатори на содржината;
- евиденција на сомнителните профили, со линк и кратка белешка за нивната улога во нападот;
- нотификации и е-пошта од платформите, вклучително со предметот, датумот и содржината.
4. Стабилизирајте ги профилите и пристапот
Откако ќе бидат зачувани доказите, преземете ги основните мерки за заштита:
- сменете ги лозинките од безбеден уред и користете уникатни и силни лозинки;
- активирајте или потврдете дека е активна двофакторската автентикација (2FA);
- проверете ги активните сесии и одјавете ги непознатите најави;
- проверете ги администраторските улоги и отстранете ги непотребните пристапи.
5. Ограничете ја штетата без да го зголемите нападот
Избегнувајте импулсивни јавни реакции. Доколку е потребно јавно да се огласи редакцијата, пораката треба да биде кратка, фактографска и насочена кон заштита на публиката и тимот.
Модерирањето и отстранувањето содржини треба да се прави внимателно и само откако ќе бидат зачувани доказите, за да не се изгуби доказната трага.
Администраторот на платформите започнува со пријавување на нападот според неговиот тип – имперсонација, компромитиран профил, доксинг, вознемирување или друг облик на злоупотреба.
Одговорниот за докази го организира доказниот пакет и го поврзува со интерниот „лог на инцидентот“, во кој се бележат клучните активности и преземените мерки.
Кога нападот е координиран, кога постои ризик за безбедноста или кога реакцијата на платформата е неефикасна, редакцијата може да побара поддршка и насочување од ЗНМ за следните чекори.
Целта во првиот час не е да се одговори на секоја порака или објава, туку да се заштитат луѓето, да се зачуваат доказите и да се воспостави контрола врз ситуацијата.
Линк до анализата: https://znm.org.mk/wp-content/uploads/2026/03/ZNM_SJN_policy-paper_2026_MK-fin.pdf
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија во рамките на проектот „SafeJournalist.net”. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
