Академијата за новинари и медиумски работници започна со работа – првата обука беше посветена на справување со стрес, траума и професионално согорување

Со реализацијата на првата обука на тема „Справување со стрес, траума и професионално согорување“, Академијата за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ официјално започна со работа (https://tajm.org.mk/) . Обуката се одржа во интерактивна атмосфера и имаше за цел да ги зајакне капацитетите на новинарите за справување со професионалните предизвици, особено во време на зголемен стрес и неизвесност.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, ги поздрави учесниците, нагласувајќи дека Академијата претставува симбол на нов почеток и платформа за развој на уште попрофесионално новинарство.
„Тука ќе се градат новите генерации новинари – професионалци што знаат зошто се тука, за кого работат и што значи одговорноста пред јавноста“, истакна Чадиковски.

Обуката опфати интерактивен пристап и практични вежби преку кои учесниците се запознаа со различни видови и извори на стрес, научија техники за препознавање и анализа на симптоми, како и интервенции при состојби на психолошка напнатост.
Оваа обука претставува значаен чекор кон унапредување на психо-социјалната благосостојба на новинарите и медиумските работници, особено во услови на зголемени професионални предизвици и неизвесност.
Обуката е реализирана со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамки на проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ “. За содржина на обуката одговорно е исклучиво Здружението на новинарите на Македонија, и нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.
