Објавено во

Петте новинарски и медиумски организации, ЗНМ, ССНМ, СЕМ, МИМ и ИКC денеска во Собранието го доставија предлогот на европскиот медијатор Питер Ван Хауте за итна измена и дополнување на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, како добра основа за вовед во медиумските реформи во Република Македонија.

Иницијативата ја поднесуваме до сите пратеници на Собранието на РМ со цел да продолжи дебатата за медиумските реформи откако пропаднаа разговорите меѓу потписниците на договорот од Пржино.

Очекуваме за иницијативата да се разговара темелно и транспарентно со вклученост на сите медиумски организации за да дојдеме до најдоброто можно решение.

Петте организации остануваат посветени на усвојувањето на медиумските реформи кои не подразбираат само законски измени, туку и нивна ефективна имплементација.

Очекуваме поддршка од сите пратеници, а Претседателот на Собранието итно да закаже седница на која ќе се расправа за ова прашање.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Македонски институт за медиуми (МИМ) и
Институт за комуникациски студии (ИКС)

28 март 2016 година, Скопје